7 причини зошто пилатесот ќе ви го направи животот поубав

Споделете со пријателите

Кога имате тежок ден на работа, и одењето во теретана после тоа ви звучи тешко и исцрпувачко, тука е пилатесот кој ќе ве раздвижи, опушти, релаксира, ќе ви направи одличен рестарт на денот, ќе ви ја одржи физичката форма и ќе ви помогне килограмите да ги држите под контрола.

Да?! Верувале или не, но пилатесот сето тоа го прави!

Пилатесот е многу повеќе од физичка активност, а зошто е така прочитајте во продолжение:

  1. Кажете му збогум на стресот

Во последните неколку години пилатесот како физичка активност е навистина популаризиран, а тоа е така затоа што овој метод на вежбање навистина функционира. Резултатите и придобивките од пилатесот ги чувствувате многу брзо, после првиот час ќе забележите придобивки на ментално ниво, а после 2-3 часа ефектите ќе бидат и физички видливи и вие ќе се чувствувате многу посамоуверено. Пилатесот е активност за целото тело, прави раздвижување на сите мускулни групи, дури и она оние најмали мускулчиња во телото за кои не знаеме дека постојат (после добар пилатес час, следниот ден ќе знаете :)).

Пилатесот не е агресивна активност, но ефективно го раздвижува целото тело и ја поттикнува циркулацијата во сите мускули, сето тоа предизвикува наплив на ендофрини во мозокот, што ќе ве направи да се чувствувате прекрасно после вежбањето, ќе заборавите на нервозата и стресот со сигурност!

  1. Зајакнете го телото пропорционално

Во пилатесот нема вежбање само на големи мускулни групи како во теретана, за време на пилатес часовите го вежбате целото тело пропорционално, со поеднаков акцент на сите мускулни групи: нозе, раце, стомак и грб, вклучувајќи ги притоа и сите мали мускули во телото кои ни ја даваат подвижноста и овозможуваат подобро држење на телото.

Пилатесот ќе ви ги обликува мускулите на елегантен начин, ќе ги издолжи и тонира, ќе ви помогне да го зајакнете абдоминалниот ѕид, да си ја подобрите флексибилноста, балансот и држењето на телото.

  1. Вежбањето пилатес не е агресивно

Ако сте имале тежок ден на работа, одењето во теретана можеби ќе ви звучи исцрпувачки и тешко, но со пилатесот не е така, затоа што вежбањето пилатес е неагресивен метод на физичка активност која има многу големи ефекти за мускулите и телото.

Секако во сето тоа најголема улога има инструкотот кој го води пилатес часот и има за цел да ви помогне, да ве насочи и вистински да ве мотивира да го дадете најдоброто од себе.

Можеби за време на вежбањето нема да чувствуваат некое многу големо оптеретување, но после часот ќе ја сфатите силината на вежбите и моќта на пилатесот.

Ќе бидете извежбани, ослободени, полни со енергија и ентузијазам.

  1. Пилатесот ќе ви помогне да останете во форма и да ги одржите килограмите

Интензивен power пилатес час е најдобар начин да согорите најмногу калории за кратко време. Телото троши многу повеќе калории кога во исто време движите повеќе мускулни групи, а со пилатесот тоа се случува, така што за еден час ефективно и активно вежбање пилатес вие ќе согорите околу 500 калории минимум. Сепак тоа ќе зависи и од тоа колку сами ќе се дадете и колку правилно ќе ги правите сите вежби.

  1. Пилатесот е одлична активност за трудници

Многу идни мајки се плашат од било каква физичка активност во бременоста, но пилатесот е една од активностите кои вашиот гинеколог ќе ви ги препорача да ги практикувате доколку имате нормална бременост.

Вежбањето пилатес во бременоста ќе ви помогне да превенирате големо покачување на килограмите, ќе ви помогне со болките во половината и грбот кои се чести кај трудници, ќе го намали ризикот од појава на гестациски дијабет и висок крвен притисок кои можат да бидат навистина ризични состојби и за бебето, но и за мајката.

Доколку практикувате пилатес во бременоста тоа ќе ви го олесни враќањето во форма после породувањето.

  1. Пилатесот ќе ви помогне да се ослободите од болката во грбот

Секој втор возрасен човек кој поминува по 8 часа дневно во седење има проблеми со болки во ‘рбетот и грбот…епа ако вежбате пилатес тоа ќе исчезне!

Пилатесот помага да се затегнат малите мускули кои го држат ‘рбетот и на тој начин ви ги намалува болките кои се предизвикани од прекумерното седење. Затегнувањето на тие мали мускулчиња не само што ќе ги намали болките, туку и ќе ви помогне да го држите грбот поисправено.

  1. Пилатесот не го тренира само вашето тело, туку и вашиот мозок и ум

Пилатесот покрај тоа што е одлична физичка активност за целото тело и за сите мускули во телото, тој е и одлична активност за мозокот затоа што вежбите во пилатесот знаат да бидат комплексни и да бараат голема концентрација и поврзувањето на телото со умот.

Сето тоа ќе допринесе за зголемување на менталниот фокус и подобрување на целокупното ментално здравје.

И да…ќе забележите дека после одреден период практикување на пилатесот ќе можете повеќе да се концентрирате и ќе бидете метално многу посилни и позрели!

Фото: Vrzalski Photography

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *