По силен и квалитетен тренинг, мускулите се преморени, нивото на гликоген во крвта, но и во мускулите и црниот дроб е значително намалено и започнува катаболизацијата или разградувањето на мускулите. Единствениот начин за да се стопира овој негативен процес е да се внесуваат во телото оние хранливи елементи кои после тренингот му се најмногу потребни на телото.
Истражувањата покажале дека складирањето, односно надоместувањето на изгубениот гликоген во крвта е најмногу изразено веднаш после тренинг. Со внесувањето на јаглехидратите веднаш после тренингот, го подигнувате нивото на сите хормони и го спречувате непотребното разградување на мускулите.
Квалитетен и избалансиран оброк полн со хранливи состојки, но и со витамини и минерали е секогаш неопходен после добро вежбање.
Оваа витаминска, но истовремено и енергетска салата е вистинскиот избор за квалитетен оброк после добар тренинг. Се подготвува брзо и лесно, доколку претходно веќе имате сварено киноа. За варење на киноата ви се потребни околу 10-тина минути. Варите во вода дури киноата не се распука и не омекне целосно.
Потребни состојки:
- 2 моркови со средна големина
- 1 цвекло
- неколку листови марула
- 1 лажица ленено семе
- 1 лажица сончоглед
- 3 лажици варена киноа
- маслиново масло
- сок од половина лимон
- малку хималајска сол.
Начин на подготовка:
Морковот и цвеклото ги рендаме, а марулата ја сечкаме на ситни делови. Потоа во длабок сад го соединуваме зеленчукот и врз него ги додаваме семињата, претходно сварената киноа и зачинуваме со малку маслиново масло, сок од лимон и хималајска сол.








