Ова е одличен здрав десерт со кој можете да ги изненадите најблиските, но и да го подготвите набрзина доколку ви се најават гости. Овие топчиња не се печат, само ги мешате состојките и за помалку од 10 минути имате готов десерт, кој покрај тоа што изгледа неодоливо е и супер хранлив и здрав. 🙂
Нутритивни вредности по парче:
113.4 калории, 16.8 g јаглехидрати, 4.4 g масти и 2.5 g протеини.
Потребни состојки (за околу 9-10 топчиња):
- 150 g мелени овесни снегулки
- 1 зрела банана
- 30 g путер
- 1 лажица какао
- 2 лажици кокосови трошки
- 1 лажица мед
- по потреба: многу малку млеко или вода
- џем од вишни (џемот е домашен, направен по стар рецепт на мајка ми).
Начин на подготовка:
Најпрво овесните снегулки ставете ги во бледнер за да станат брашно. Потоа во друг сад со виљушка изгмечете ја бананата и додадете ја на овесните снегулки, па додадете го путерот, какаото и кокосовите трошки. Мешајте со лажица дури смесата не се соедини. Доколку е многу густа, додадете по желба многу малку млеко или вода (околу 1-2 лажици) и продолжете со мешање.
На крај формирајте топчиња и на средината со врвот од лажицата или со прст направете дупче, во него ставете малку џем од вишни, иако можете да искористите каков било џем.

Може дури и сами да си направите домашен џем, а ние имаме одличен рецепт – проверете го тука.
Ставете ги топчињата во фрижидер за да се стегнат, околу 20 минути.
Уживајте! 🙂








