Цвекло во блага варијанта, дали би пробале?
На сите што им ја понудив тортата првин беа…..”Па добро дај само залче да пробам”…а потоа следеше момент….“Сечи цело парче, ова е неверојатно вкусно😊”.

Потребни состојки:
за кората:
- 1 јајце
- 40 g растопен путер
- 2 лажици кокосов шеќер (може и обичен кафеав нерафиниран)
- 50 g црно стопено чоколадо
- малку ванила
- 5 лажици брашно.
за филот со цвекло:
- 1 помало варено цвекло
- 75 g непечени индиски ореви (киснати во вода околу 30-тина минути)
- малку ванила
- 2 лажици мед
- 3 лажици замрзната брусница (може и боровинки или некои други бобинки)
- 20 g растопен путер или 2 лажици кокосово масло
- 125 g маскарпоне.
Начин на подготовка:
Кора: брашното и коксовиот шеќер најпрвин измешајте ги заедно, потоа во друг сад изматете го јајцето и во него додадете го растопениот путер, ванилата и растопеното чоколадо. На крај измешајте ја оваа смеса со брашното и шеќерот и убаво соединете. Истурете ја кората во кружен плех. Ако имате таков со обрач е најдобро за да можете после лесно да го извадите и да го сечете колачот. Внимавајте плехот да не е многу голем (јас користев мало кружно плехче).
Печете во загреана рерна на 180˚С околу 10-тина минути (брзо се пече).
Фил: Сите состојки за подготовка на филот ставете ги во блендер или процесор за храна и убаво соединете ги.

Кога кората ќе се испече, почекајте малку да се излади, па потоа ставете го филот одозгора. Оставете во фрижидер да се стегне, околу 1-2 часа. Можете и во замрзнувач, јас ја ставив кратко во замрзнувач, па беше ладна и неодоливо вкусна.
На здравје!








