Чорба од лосос

Споделете со пријателите

Варивата од зеленчук ми спаѓаат во групата Омилени оброци. Брзи, вкусни, нискокалорични и лесни за јадење. Најчесто ги правам за вечера, но не ретко и за ручек.

Чорбата со лосос ми е една од поомилените. Се прави многу лесно и брзо, а е вистинско уживање за сите сетила. Најважно од се ми е што Ана обожава вакви варива/чорби/супи, па тоа ми е мотив плус почесто да ги правам.

Потребни состојки (за три-четири порции):

  • 2 котлети лосос (најдобро е свеж, но може и замрзнат)
  • 2 моркови
  • 1 главица кромид
  • 1 мала тиквица
  • 1 не многу голем сладок компир (или обичен)
  • малку маслиново масло
  • хималајска сол и зачини по желба.

Начин на подготовка:

Кромидот насечкајте го на ситни коцки, а морковот, тиквицата и компирот изрендајте ги.

Во сад со вода ставете ги котлетите лосос да се варат (можеби не е правилно, но јас ја варам рибата, па ја фрлам водата во која се варела и за супата користам нова). Значи ги варам котелите кратко, околу 10-тина минути на тикво, ги цедам од водата и убаво ги чистам, па потоа ги користам во моето вариво.

Инаку ова вариво/супа или чорба (викајте го како сакате) може да се направи и со било каква друга риба или со пилешко месо, па дури и без месо со додаток на некоја житарка како хељда, просо, киноа и слично. Сум пробала со се и на сите начини е преубаво. Ако правите без месо или без риба, на крај можете да додадете и малку јогурт.

Да се вратам назад на рецептот 😊

Кога рибата ќе биде сварена, а зеленчукот подготвен ставате малку маслиново масло во тенџере што не лепи и кратко динстајте го кромидот. Кога ќе омекне налејте во тенџерето околу 750 ml do 1 L вода. Потоа додадете ја исчистената риба и изренданиот зеленчук и оставате да се вари. Кога се ќе омекне зеленчукот, можете дел од сместа да ја испасирате со рачен блендер за да добиете густа, крем чорба. Додадете зачини по желба и уживајте во прекрасниот оброк.

Ако сакате по low carb верзија не додавајте компир, ставете повеќе тиквица или некој друг зеленчук како на пример карфиол или брокула.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *