Дали после празниците ви е потребен детокс?

Споделете со пријателите

Диетите, напитоците и одредени суплементи за детокс се често рекламирани како начин со кој ќе го исчистите телото од токсини и ќе го започнете губењето на килограмите.

Но дали навистина на нашето тело му е потребен детокс?

Ако треба да дадам краток одговор на ова прашање тогаш тоа би било НЕ.

Секогаш кога зборувам за некои физиолошки процеси укажувам на тоа дека нашето тело е една сериозно “паметна машина” која многу добро знае што прави во секој момент.

Бубрезите и црниот дроб се двата органи кои се одговорни за неутрализација на се непознато и непотребно што внесуваме во телото, така што никакви суплементи и додатоци нема да го забрзаат тој процес. Единствено што можеме да направиме за телото поефикасно да се ослободува од токсините е да им овозможиме на овие два органи да си ја работат работата за која се одговорни.

Црниот дроб е како една релејна станица и се она што го внесуваме во телото како непозната супстанца оди во него и тој започнува да го метаболизира со цел полесно да се исфрли преку цревата или преку бубрезите во зависност од природата на молекулата. Од фармаколошки аспект кога се лекови во прашање ова знае некогаш да биде и проблем затоа што телото по внесување на лекот се труди веднаш да го неутрализира. Tоа се нарекува метаболизам на прв премин со што концентрацијата на лекот кој треба да даде терапевтски ефект може да се намали за многу кратко време. Она што го прави фармацевтската технологија е маскирање и промена на формулацијата на лекот со што црниот дроб ќе се залаже и лекот подолго време ќе циркулира во крвта. Ова е една цела наука, но целта со ова ми е да ви укажам на тоа дека црниот дроб е навистина “паметен” и се труди во најбрз можен рок да неутрализира се што ќе го препознае како непозната супстанца.

Детокс диетите кои најчесто се практикуваат се состојат од консумирање на сокови/џусеви направени од овошје и зеленчук кој е потребно да ги пиете неколку дена и притоа да не внесувате друга храна. Од нутритивен аспект соковите од овошје и зеленчук имаат ниска содржина на протеини и масти, а содржат многу јаглехидрати.  

И да… ако неколку денови пиете само сокови без притоа да внесувате било каква храна ќе намалите неколку килограми, но тоа нема никаква врска со токсините, а и всушност нема да намалите масти туку ќе ја исфрлите вишокот вода.

Најчесто таквите сокови овозможуваат внес на околу 900-1200 калории на ден што за многу луѓе е понизок енергетски внес од потрошувачката. Кога ќе направите рестрикција на ваков начин телото започнува да ги троши гликогенските резерви од црниот дроб како извор на дополнителна енергија. Понатаму го троши гликогенот од мускулите и како трет извор може да посегне по масните киселини кои се складирани како енергетско депо во масното ткиво. Гликогенот во себе содржи врзана вода така што при ослободување на глукозата од гликогенските резерви се ослободува и големо количество на вода па затоа првите неколку денови можеби мерејќи се на вага ќе мислите дека сте изгубиле 2-3 килограми што всушност не е губење на масно ткиво туку резидуална вода.

Освен детокс со џусеви многу често се презентираат и детокс програми со одредени чаеви кои имаат за цел да ги прочистат цревата. Најчесто тие чаеви во себе содржат одредени супстанци кои имаат лаксативен ефект.

Многу природни супстанци ја имаат таа моќ, но некои од нив и покрај тоа што се природни можат да имаат сериозни несакани ефекти врз нашиот дигестивен тракт. Во тој контекст би ја спомнала сената.

Сената е растение кое во себе содржи антрахинони врзани со шеќер односно во форма на гликозиди познати како сенозиди кои имаат изразен лаксативен ефект. Ако дома имате некој чај за слабеење сигурно во составот ќе најдете сена.

Како делува сената?

Сенозидите во цревата под дејство на интестиналната бактериска флора се хидролизираат до главните антрахинонски компоненти. Создадените метаболити имаат способност да дејствуваат на интестиналната секреција и моталитет и да предизвикаат дефекација. Ова дејство знае да биде навистина силно и да предизвика многу непријатни грчеви и болки во цревата. Покрај абдоминалните нарушувања долготрајната употреба може да направи електролитен дисбаланс, дехидратација и промени во мускулната функција. Неколку експериментални студии потврдуваат дека долготрајната употреба на сена може да предизвика апоптоза или смрт на клетките на цревата. Ова во превод би значело дека доколку често користите вакви препрати цревата ќе станат мрзливи и нема да можете самостојно да ги празните туку секогаш ќе имате потреба од користење на одредени стимуланси.

Освен сената, тука ги би спомнала и крушината, алоето и реумот кои имаат сличен ефект.

Пораката од целиот овој текст ми е дека не ви се потребни никакви чаеви, сокови и специфични напитоци или суплементи кои ќе ви направат детокс, затоа што нерационалната употреба на вакви детокс напитоци може да направи сериозни здравствени проблеми и нарушувања.

Овозможете му на телото да функционира во хомеостаза и тоа совршено ќе ве детоксицира од сите токсини.

На кој начин можете да му помогнете на телото поефикасно да се ослободува од токсините:

  • избегнувајте процесирана и конзервирана храна
  • избегнувајте рафинирани шеќери и рафинирано бело брашно
  • внесувајте повеќе свежо овошје и зеленчук, здрави масти, квалитетни протеини и житарици од цели зрно
  • фокусирајте се да внесувате доволно храна која во себе има влакна
  • пијте доволно вода
  • бидете физички активни
  • овозможете си квалитетен сон
  • бидете внимателни со цигарите и со алкохолот
  • доколку некои денови претерате со храна направете фастинг или не внесувајте никаква храна во телото освен вода во период од 16-18 часа.

Ако ги практикувате овие совети верувајте ми дека никогаш, ама баш НИКОГАШ нема да имате потреба од никаков ДЕТОКС.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *