Јога – за подобро ментално и физичко здравје

Споделете со пријателите

Практикувањето јога може да придонесе за подобро ментално и физичко здравје. Јогата го намалува стресот и напнатоста и ја подобрува општата благосостојба на организмот.

Сите придобивки од јогата се толку моќни и токму поради тоа таа е дисциплина која е широко распространета во светот и се практикува од многу луѓе.

Физички придобивки од практикувањето јога

Флексибилност

Движењето и истегнувањето се два начини кои помагаат за зголемување на флексибилноста. Јогата нуди широк опсег на движеа во сите мускулни групи што после подолго практикување придонесува за поголема еластичност на телото. Како што старееме, флексибилноста природно се намалува, што доведува до болка и неподвижност, но доброто е тоа што јогата може да го подобри овој процес во целост.

Сила

И покрај тоа што јогата не е агресивна активност, одредени позиции бараат баланс и поддршка од мускулите за да можете вежбите да ги изведете правилно. Со текот на времето сето тоа придонесува за зајакнување на сите мускулни групи во телото и тоа пропорционално. Јогата ги издолжува мускулите и помага за одлична мускулна дефиниција и тонус.

Баланс

Подобрување на балансот и координацијата се најважните придобивки од јога. Тоа е особено значајно за повозрасните затоа што балансот и координацијата се намалуваат со годините.

Подобра подвижност на зглобовите

Луѓето со артритис забележуваат значително подобрување на болката и подвижноста доколку редовно практикуваат јога. Специфичните движена и вежби во јогата помагаат да се зголеми подвижноста и да се намали болката во зглобовите која со текот на годините знае да биде навистина непријатна и многу да влијае на квалитетот на живот.

Намалена болка во грбот

Болките во грбот се почесто застапени и кај помладата популација, а причината лежи во фактот што најголем процент на луѓе работниот ден го поминуваат во седење пред компјутер или пак во кола. Сето тоа предизвикува спинална компресија и притисок што со текот на времето предизвикува изразена болка. Јогата и специфичните вежби кои се практикуваат помагаат да се намали тој притисок и секако да се намали или елиминира болката во гробот во целост.

Подобро дишење

Повеќето луѓе имаат плиток здив и во секојдневното живеење воопшто не се фокусираат на тоа како дишаат. Вежбите за дишење во јога го насочуваат вниманието на здивот и не учат како да земеме длабок здив и како да дишеме правилно. Благодарение на тоа се зголемува дотокот на кислород во целото тело што придонесува за намалување на стресот и зголемување на енергијата во телото.

Ментални придобивки од практикувањето јога

Ментална смиреност и контрола

Концентрирајќи се толку интензивно на она што го прави вашето тело има ефект на смирување на умот. Јогата ве запознава со техниките на медитација, преку набљудување на здивот  здивот и оддалечување од вашите мисли. Овие вештини се многу корисни во периоди на напад на анксиозност, несоница, породување и слично.

Намалување на стресот

Физичката активност е добра за ублажување на стресот, а тоа е особено изразено кога е во прашање јогата. Поради потребната концентрација, за време на вежбањето вие се дистанцирате од проблемите кои ве мачат, а сето тоа понатаму ви овозможува да ги гледате проблемите од друга перспектива. Јогата помага за намалување на напнатоста и ве прави да се чувствувате позитивни, ова е особено значајно и може да помогне кај луѓе кои се борат со неплодност.

Свесност за телото

Вежбањето јога ја зголемува свесноста за телото и вашето постоење, таа помага за поврзување на телото со умот. Со текот на времето тоа многу помага за подобро држење на телото, што пак од друга страна помага за зголемување на самодовербата.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *