Многу одамна сакам да напишам нешто за кафето ама некако не му доаѓаше ред.
Кафето е нешто во кое речиси сите уживаме и не можеме да си го замислиме утрото без него. И јас уживам и пијам кафе секој ден без исклучок. Oна на кое сакам да посветам внимание во оваа објава е прекумерниот внес на кофеин и неговите штетни ефекти врз телото.
Имено, познавам луѓе кои пијат по 4-5 кафиња на ден што секако излегува од онаа “здрава граница”. Истите тие луѓе имаат изговор дека не им смета затоа што не им го попречува сонот. Но, не е само сонот во прашање. Прекумерниот внес на кофеин врз телото може да има многу штетни ефекти.
Кои ефекти ги има кофеинот врз нашето тело?
Ефектите од кофеинот може да ги почувствувате само неколку минути по внесување во телото. Полуживотот на кофеинот изнесува од 2 до 12 часа што значи дека кофеинот доста долго време се задржува во нашата циркулација. Само за дополнување, полуживот е време за кое половина од концентрацијата на дадена супстанца ќе се елиминира од телото. За колку време вашето тело ќе го елиминира кофеинот од циркулацијата зависи од многу фактори кои можат да влијаат на апсорпцијата, дистрибуцијата, метаболизмот и елиминацијата. Таа задршка на кофеин во телото и постојано дополнување во денот со нова количина може да има навистина сериозни последици доколку се претера.
Влијание на кафето врз хормоните
Кофеинот предизвикува нервна активација во мозокот, која хипофизата ја доживува како “итен случај” и ја стимулира надбубрежната жлезда да лачи адреналин.

Адреналинот кој се лачи после внес на кофеин може да предизвика последователна депресија, нервоза и немир (ова најчесто се случува навечер).
Кофеинот, исто така, го зголемува нивото на допамин, а тој е невротрансмитер кој има слично влијание како амфетаминот и хероинот.
Исто така многу важен момент со кофеинот е што го стимулира телото да лачи кортизол. Кортизолот е познат како хормон на стрес кој може да има многу негативни влијанија врз телото. Тој го зголемува нивото на глукоза во крвта, а последователно на тоа на тоа и на инсулинот што може многу негативно да влијае доколку сакате да слабеете затоа што инсулинот е анаболички хормон.
Зголеменото ниво на кортизол доведува до посилна желба за масна и храна богата со шеќери и предизвикува телото да складира маснотии во стомакот
Сето тоа може негативно да влијае и да биде еден од ризик факторите за развој на дијабет тип 2, да биде причина за покачување на мастите во телото и слично. Ова е особено значајно доколку имате неизбалансирана исхрана и многу малку активност.
Кофеинот исто така е антагонист на рецепторите на аденозин во мозокот. Аденозинот е инхибиторен невротрансмитер што значи дека може да дејствува како депресив на централниот нервен систем. Во нормални услови, го поттикнува спиењето и ја потиснува возбудата.
Зошто е добро кафето?
Кофеинот може да му помогне на телото да ги разгради мастите за околу 30% поефикасно ако се консумира пред вежбање. Дополнително, кофеинот може да го одржи нивото на шеќер во крвта покачено, оставајќи да се чувствувате помалку гладни.

Исто така кофеинот може да ви ја подобри физичката издржливост за време на тренинг но, само доколку не го користите прекумерно.
Заклучок:
Целта на објавата не ми е да ве натерам да се откажете од кафе.
Немам намера во тоа слатко задоволство ни јас 😊
Сепак да бидеме свесни дека прекумерниот внес може да има многу негативни последици. Ако пиете 3-4 или 5 кафиња на ден, но и пијалаци кои содржат кофеин намалете ги на 2.
Доволни ќе ви бидат и ќе уживајте во нив максимално 😊
Можеби ќе ве интересира:
Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.