Сигурна сум дека солената галета со спанаќ ја знаете затоа што тоа беше еден од најсподелуваните рецепти претходната година.
Оваа блага галета со јаболка е некоја посна паралела, искрено солената галета ми беше инспирација.
За вкусот нема да коментирам ама ќе ви кажам дека вчера ја направив, а денес веќе нема 😊
Состојки:
- 100 g овесни снегулки
- 130 g интегрално пченично брашно
- 70 ml вода
- 50 ml маслиново масло
- малку пециво
- 1 лажица сируп од урма или некој друг засладувач
- малку ванила (по желба)
фил:
- 4 големи изрендани јаболка
- 1 лажица сируп од урма или друг засладувач
- 1 мала лажичка цимет
- 3 лажици маслиново масло
- 1 лажица путер од лешник или пак околу 20-30 g мелени лешници или други јатки.
Подготовка:
За подготовка на кората измешајте ги сите состојки заедно. Ќе добиете тесто како топче кое не треба да се лепи т.е треба да може да се извлече со сукало во потенка кружна кора. Ако смесата е леплива слободно додадете малку брашно.
Извлекувањето во кора правете го задолжително на хартија за печење за после лесно да ја префрлите кората во плехчето.
Јас користев плехче со дијаметар 24 cm.
Во меѓувреме во тава измешајте ги сите состојки за филот и кратко на оган оставете ги да “крчкаат”. Јаболката ќе пуштат сок и ќе се измешаат со целата содржина. Куќата ќе ви мириса прекрасно. Кога малце ќе се намали водата истурете го филот врз кората и со вишокот кора од краевите подзатворете ја галетата.
Ставете ја да се пече во загрена рерна на првин 10-тина минути на 180°С, а потоа намалете на 140°С и оставете ја уште 20-25 минути да се исуши убаво. Така ќе биде крцкаво-сочна.

Пред да ја јадете оставете ја да се излади. Ладна е неверојатно освежителна и многу вкусна.
Добар апетит! 😊
Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.