Како да го одберете вистинскиот леб? Дали лебот е причина за дебелење?

Споделете со пријателите

Многу луѓе со своето искуство потврдуваат дека само со исфрлање на лебот од исхраната намалиле многу килограми и успеале да ослабат.

Тоа секако дека е вистина затоа што помалку или ич леб значи и помалку калории во текот на денот. Но и да не го исфрлите лебот, а да го намалите целокупниот дневен калориски внес, ќе ослабете сигурно.

Со лебот е многу лесно да се претера, едно парче многу брзо станува две, па три, а бројот на калории по оброк со секое парче расте, што го доведува телото во состојба на калориски суфицит (вишок калории кои се таложат во масното ткиво).

Сепак, мораме да знаеме дека лебот не е лоша храна, но кога мислам на леб мислам на вистински леб од цели зрна, а не на леб од бело брашно.

Лебот содржи јаглехидрати кои се главен извор на енергија за нашето тело. Исто така лебот од цело зрно е извор на растителни влакна, на Б витамини и минерали кои се неопходни за одржување на здравјето.

Како да одберете квалитетен леб?

Најдобро е лебот да си го подготвувате сами од убаво одобрени брашна, без адитиви и без конзерванси. Домашно направен леб е најдобра опција, но не сите секогаш имаме време дома да правиме леб.

Да бидам искрена јас уживам да готвам, но некако немам желба да правам лебови. Среќа што за таквите како мене, а и за тие што немаат време, во макетите денес има навистина голем избор на интегрални лебови кои се одлични од нутритивен аспект и се направени од цели зрна.

 На што да внимавате кога купувате леб?

Многу често на полиците во маркетите ќе видете леб на кој е наведено дека е интегрален и од цели зрна, но ако ја свртите етикета ќе забележите дека лебот е повеќе од половина направен од бело брашно и има многу мал удел на цели зрна. Кога ја читате етикетата целите зрна треба да бидат наведени први, односно прва е секогаш состојбата што ја има во најголема количина, што значи ако целите зрна се први, нив ги има највеќе.

Многу лебови кои маркетиншки изгледаат како здрави се всушност само замка за потрошувачите. Доколку на етикетата видете многу состојки како шеќер, емулгатори, конзерванси, обично бело брашно и негде на крај наведено цело зрно или интегрално брашно од цело зрно, тогаш знајте дека тој леб не е тоа што го барате.

Ако купувате леб од поголем маркет тогаш читајте ги етикетите и бирајте сами, а ако одите од пекара, прашајте го продавачот како го прават лебот и какви брашна користат.

Да бидам искрена би сакала да направам едно мини истражување за лебовите кои се достапни кај нас и да направам паралела на нивниот состав од нутритивен аспект. Моментално како добра опција што јас ја користам се Био лебот на Фурна Диме и Тонус лебот. Био лебот од фурна Диме е понов на пазарот, не е тој што беше паралела на тонус лебот, доста е набиен и густ, од цели зрна е и навистина вкусен. Го има во две варијанти  и тоа од про’ртена пченица и комбинација од про’ртена пченица и хељдино брашно (значи ова не е ни спонзориран пост ниту пак реклама, кажувам од мое видување и од лично искуство). Мајка ми често прави домашен ‘ржан леб, но кога немам од неа го купува тој од фурна Диме. Не сме некој консуматори на леб, но не дека не јадеме воопшто.  Пример, од еден леб може да имаме некогаш и 10 дена. И да, јас лебот го чувам во фрижидер за да ми трае подолго без да мувлоса.

Како лебот да не ве дебелее?

Многу е просто и едноставно, водете сметка за вашите дневни калориски потреби. Едно парче интегрален леб од цело зрно во просек има од 80-100 калории, секако оваа вредност варира во зависност од големина на парчето и типот на лебот. Оваа вредност може да е и помала, но и поголема. Сепак сметајте дека 2 парчиња леб се околу 200 калории плус во вашиот оброк. Ако калориите од лебот ги ставите во математиката за вашите дневни калории, и водите сметка за внесот и потрошувачката, тогаш немате ризик лебот да ве дебелее.

Добрата страна на лебот од цели зрна е што и покрај тоа што најголем процент содржи јаглехидрати, сепак има низок гликемиски индекс. Тоа значи дека нема да направи големи флуктуации во инсулинот и ќе ве држи сити подолго време. Лебот од цели зрна заситува брзо, така што нема да може да изедете голема количина.

Сепак, да не се разбереме погрешно, не дека интегралниот леб не дебелее. Ако јадете по 2-3 парчиња со секој оброк дебелее и тој секако, но од нутритивен аспект е поздрав затоа што витамините, влакната и минералите се во лушпата од зрното на житарките. Белиот леб се прави од житарици кај кои се фрла лушпата, а со тоа се фрла всушност најхранливиот дел од житариците. Можеби белиот леб органлолептичи е повкусен и поубав на изглед, но нутритивно е многу сиромашен.  

Зошто лебот и јаглехидратите ни се неопходен во исхраната?

Јаглехидратите се погрешно лошо преставени дека дебелеат и се причина за вишок килограми, тие се неопходни макронутриенти кои му даваат енергија на нашето тело. Она на што треба да внимаваме кога се во прашање јаглехидратите е дали тие се прости или сложени.

“Вистински пријатели” ни се сложени јаглехидрати кои ги има во житарици од цело зрно како што е пример пченица, овес, ‘рж, просо, киноа, хељда, но и мешунки како грав, грашок, леќа и слично. Простите шеќери/јаглехидрати се наши “непријатели”, тие имаат висок гликемиски индекс и дебелеат. Нив ги има во тестенини, тесто, пецива, леб од бело брашно, во крекри, чоколади, колачи, торти и слично.

Лебот доколку е правилно избран е извор на сложени јаглехидрати, влакна и витамини од групата Б кои ни се навистина неопходни доколку сакаме да се храниме балансирано и здраво.

Други придобивки кои ќе ги добиете доколку јадете правилно избран леб

  • ќе бидете подобро расположени – јаглехидратите го зголемуваат нивото на серотонин поради што ќе се чувствувате порасположени и желбата за благо и грицкање ќе ви се намали
  • вистинскиот леб може да ви помогне да намалите килограми – како што ви пишав претходно, доколку лебот е од цело зрно и има низок гликемиски индекс, ќе го направи оброкот целосен и ќе ви го контролира апетитот, тоа ќе ја намали желбата за грицкање меѓу оброците со што секако ќе внесувате помалку калории во текот на денот.
  • полесно празнење на цревата – лебот од цело зрно е извор на влакна кои се неопходни за одржување на моталитетот и полесно празнење на цревата, дневна препорака за внес на влакна е околу 25 g, а во едно парче леб од цело зрно има од 5 до 10 g на влакна.
  • поубав и поздрав изглед на косата и кожата – Б витамините кои ги има во лебот ќе ви ја направат кожата и косата посјајни и поживи;

Мислам дека ви дадов доволно причини за да не го осудувате лебот како причината за вишокот килограми кои ги имате. Одете во маркет и изберете го вистинскиот. Јадете го разумно и комбинирајте го правилно!

Можеби ќе ве интересира: Водич за правилна исхрана

Контролата врз тежината се постигнува тогаш кога ќе имаме баланс на внесот и потрошувачката.

Трошете калории, вежбајте и хранете се разновидно и здраво!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *