Кокос колачиња

Споделете со пријателите

Им дадов име кокос колачиња зошто се што постои од кокос им ставив.

Ставив и брашно, и трошки, и шеќер, и масло, е не ставив кокосово млеко, но доволно е се друго 😊

Инаку не знам дали забележувате но секогаш се трудам рецептите да не ги правам со некои комплицирани намирници, нешто што знам дека е прескапо или недостапно да се купи. Кокосово брашно и шеќер кои ги користам во рецептот се можеби нешто што не сите го имате дома, но затоа ви давам супер алтернатива да го замените со мелени овесни снегулки, а кокосовиот шеќер со мед или било кој друг засладувач кој си користите.

Потребни состојки (за 15 поголеми колачиња):

  • 100 g непечени бадеми
  • 100 g непечени индиски ореви
  • 4 лажици кокосово брашно (може да го замените со мелени овесни снегулки)
  • 3 лажици кокосови трошки
  • 50 g рендано темно чоколадо со минимум 70% какао
  • 1 лажичка пециво
  • 3 лажици кокосов шеќер (може да се замени со мед)
  • 40 g или околу 3 полни лажици кокосово масло (може да се замени со маслиново масло или со путер)
  • 2 јајца.

Начин на подготовка:

Најпрвин во блендер ги ставив бадемите и индиските за да се измелат и направат прашкасти. Доколку решите да користите овесни снегулки наместо кокосово брашно додадете ги и нив тука за се да се измеле се убаво.

Смесата од јатки потоа ја ставив во подлабок сад и во неа ги додадов кокосовото брашно и трошки, пецивото и ренданото чоколадо. Измешав добро со голема лажица.

Во друг сад со миксер ги изматив јајцата и кокосовиот шеќер, во таа смеса на крај го дадов и кокосовото масло. Течната смеса ја соединив со претходната сува смеса. На видеото можете да видите каква треба да биде густината. Потребно е да можете со раце да правите мали топчиња кои потоа со виљушка ќе ги потиснете одозгора за да станат плоснати.

Бонус совет да не ви се лепи виљушката е да ја топите во вода на секое притискање.

Се печат во загреаната рерна на 160˚С околу 10-12 минути. Морате да ги следите затоа што се зависи од вашата рерна. Кај мене е многу јака па за 10 минути беа готви. Ќе видите кога ќе заруменат, вадете ги одма 😊

И тоа е тоа, не можам да ви опишам колку се вкусни. Можат да се комбинираат за ужинка или појадок во различни комбинации.

Ќе ве очекувам со тагови на стори 😉

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *