Маска за хранење и регенерирање на кожата на лицето со овесни снегулки

Споделете со пријателите

Пред некој ден на Инстаграм направив кратко видео стори како си ја спремам и нанесувам мојата омилена домашна маска за лице од квасец (рецептот може да го видите тука). Видеото предизвика многу позитивни реакции и затоа решив од сега па натаму почесто да споделувам вакви рецепти кои пред неколку години беа моја опсесија.

Искрено, мислев дека во животот ќе се занимавам со козметика и тоа беше една од главните причини зошто се запишав и завршив фармација.

Фитнесот и диететиката се сепак моја определба, но имајќи го знаење мислам дека е сосема во ред одвреме-навреме да споделам со вас и по некој козметички совет 😊

Не ве задржувам повеќе, преминувам на маската 😊

Потребни состојки за маска:

  • 1 лажица овесни снегулки
  • малку вода
  • ½ лажичка куркума.

Начин на подготовка:

Овесните снегулки и водата се варат на стандарден начин на тивок оган. Кога смесата ќе се згусне тргнете ја настрана, додадете ја куркумата и чекајте да се излади па потоа нанесете ја на лицето.

Пред да ја нанесете маската измијте го лицето убаво и темелно.

Ова маска е препорачлива за сите типови на кожа затоа што овесот содржи многу хранливи материи, антиоксиданси, протеини, витамини и минерали кои можат да помогнат за регенерирање на кожата и намалување на црвенилото доколку го имате. Куркумата од друга страна има антибактериско и антиинфламаторно својство така што може да помогне доколку имате проблеми со акни.

Природните маски се делотворни доколку се практикуваат почесто, не очекујате чуда преку ноќ, но правете си природни третмани барем 2-3 пати неделно. За 2-3 недели ќе ги видите позитивните резултати.

Еве уште неколку дополните предлози на маски со овесни снегулки:

Маска со овесни снегулки за кожа склона на акни

  • 1 лажица овесни снегулки
  • 1 лажица топла вода
  • сок од ½ лимон
  • малку мед

Измешајте ги сите состојки и нанесете на чисто лице. Оставете да делува 5-10 минути.

Маска со овесни снегулки за сува кожа

  • 1 лажица овесни снегулки
  • малку топла вода
  • 1 лажичка маслиново масло
  • 1 лажичка кокосово масло.

Измешајте ги сите состојки и нанесете на чисто лице. Оставете да делува 5-10 минути.

Маска со овесни снегулки за сите типови кожа

  • 1 лажица овесни снегулки
  • 1 лажичка мед
  • 1-2 лажици пире од јаболка

Измешајте ги сите состојки заедно и оставете ја смесата околу 1 час за овесните снегулки убаво да ја впијат течноста од пирето од јаболка. Потоа нанесете ја маската на чисто лице и оставете ја да делува 5-10 минути.

Грижете се за себе и одвнатре и однадвор, изгледот на кожата е во директна корелација со нашиот животен стил. Јадете здраво, пијте доволно вода и бидете активни затоа што нутритивните состојки од храната имаат за задача да ги нахранат сите клетки во нашето тело вклучувајќи ја и кожата. Изгледот на кожата многу говори за нутритивниот статус кој го имаме така да не очекувајте некои скапи креми и лосиони да направат чуда ако не внимавате на се она што го внесувате во телото. Физичката активност ја поттикнува циркулацијата и им овозможува на хранливите материи полесно да дојдат до секоја клетка.

Убавата и негувана кожа е рефлексија на целокупниот наш животен стил.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *