Палента и цреши (7+)

Споделете со пријателите

Црешите се совршено вкусно овошје полно со нутритиенти како: натриум, калциум, влакна, каротеноиди и витамин Ц. Во помала концентрација содржат и магнезиум, железо, цинк, рибофлавин, ниацин, витамин Е и витамин Б6.

Кога вашето бебе ќе наполни 7 месеци можете да му воведете цреши, одлични се затоа што им даваат една кисело-слатка нота на овошните кашички.

Комбинацијата со палента и јаболко е совршена.

Кашичка која кај нас се изеде за миг. Ана отвораше уста сама, што ретко се случува 😊

Состојки:

  • 2 лажици палента
  • 10-тина цреши
  • околу ½ јаболко – јас користев од компот во кој нема никакви додатоци, само вода и јаболко – повеќе прочитајте подолу во текстот
  • околу 150 ml вода .

Подготовка:

Палентата и водата ги ставате на оган и ги варите. Кога ќе биде готова заедно со црешите од кои ги вадите семките и со јаболкото ставате се во блендер.

Од оваа количина јас добив околу 120 g кашичка, што е сосема доволно за бебе од 7 месеци кое веќе има и втор оброк.

На здравје бебенце!


Старите јаболка кои ги чувавме цело зимо беа суви и пред расипување, па излупени и насечкани на коцки во тегличка со малку вода ги конзервиравме. Така барем ќе можам да ги искористам и овој период кога јаболка баш и нема, а Ана многу ги сака во овошните комбинации.

Значи многу едноставно го сечете овошјето на коцки, ја додавате водата и ја затворате тегличката. На крај ја ставате во тенџере со малку вода да зоврие.

Во рецептот Слива, кајсија и ориз (6+) имав опишано како мајка ми конзервира и прави компот од сливи. Периодот има многу овошки и можете да го искористите да си подготвите залихи за вашите дечиња за време на зимата што иде. Навистина е одлично затоа што не се додава никаков шеќер и конзерванси, а сепак се зачувува структурата на овошјето.

Нормално, дека свежо е подобро и содржи повеќе витамини, но и една ваква варијанта е одлична замена за некои овошки кои ги нема во текот на целата година.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *