Одличен појадок од цели житарки за целото семејство. Ова е супер опција и за најмалите.
Состојки (за 12 палачинки):
- 130 g сурови зрна хељда – се кинат во вода преку ноќ или барем 4 часа
- 1 јајце
- 1 банана
- малку ванила
- 50 ml кокосово млеко (може и било какво млеко или јогурт/павлака)
Начин на подготовка:
Хељдата е потребно да ја кинсете во вода минимум 4 часа, но најдобро преку ноќ. Следниот ден фрлете ја водата и убаво измијте ги зрната па префрлете ги во блендер (без вода) заедно со јајцето, бананата и кокосовото млеко. Ако сакате по желба можете да додадете и малку ванила. Убаво изблендирајте и смесата за палачинките е готова.
Пржете ги палачинките во убаво загреана тава што не лепи. Кај мене прелесно се вртеа и печењето беше навистина брзо.
Од оваа количина јас добив точно 12 палачинки. Можете да ги јадете со овошје и со путер од јатки, со џем или со било каков намаз.
Оваа комбинација можете да ја направите и во неутрална верзија додавајќи павлака/грчки јогурт наместо бананата и кокосовото млеко.
Нутритивни вредности по палачинка:
- 52.7 калории
- 10.1 g јаглехидрати
- 0.8 g масти од кои 0.2 g заситени
- 2.1 g протеини
- 1.3 g влакна
До следно здраво готвење 🙂
Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.