Мислам дека многу мајки бараат идеи за вечера за нивните бебиња/деца. Еве едни предлог мафини кои можат да се направат за бебиња 9+, а со цело јајце и за поголеми деца.
Од количина на намирници излистани подолу јас добив 6 мафини.
Искрено намерно ставив помала количина од се затоа што планирани ми беа да бидат само за Ана.
Можете да ги комбинирате со јогурт или кисело млеко. Убави се топли, но и ладни се баш вкусни 😊
Еве ги состојките:
- 1 мала чаша пченкарно брашно
- 1 мала чаша мелени овесни снегулки
- 1 жолчка
- 20 g несолен путер (стопен на пареа)
- неколку листови обарена блитва
- малку рендана тиквица (исцедена од водата)
- 1 рендан морков
- 2 лажици полномасно кисело млеко
- 30 g рендана несолена моцарела
- многу малку вода (само да се дотера густината).
Начин на подготовка:
Тиквицата, морковот, моцарелата, путерот, блитвата, киселото млеко и жолчката ги соединувате заедно во длабок сад. Во друг сад ги мешате пченкарното брашно и овесните снегулки. На крај ги соединувате двете смеси и ги ставате во калапчиња за мафини.
Јас печев во air fryer околу 12 минути на 200˚С.
Нова алатка во кујната ми е 😊 го добивме на поклон па сега за се живо го користам, но одличен е навистина. Можете било што да печете во него без масло. Вчера правев ќофтиња, печев месо, помфрит и се тоа без масло за помалку од 15 минути. Навистина е практично, а и храната е превкусна. Брзо се чисти и нема хаос низ кујна, а и не ти мириса цела куќа како што мириса кога печам во рерна.
Ако би печеле во рерна би требало да печете на 180-200˚С околу 20-тина минути.
Со сол и зачини одлични се и за големи 😊
Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.
Ги направив во малку изменета формаза 14+ зошто сме алергични на казеин. Ставив интегрално пченкарно брашно (така беа поровки), цело јајце, кисела вода наместо кисело млеко и без моцарела, со маслиново масло и малку сол. Супер се! 🙂 Фала за рецептот и постојано ве читаме :*
баш се радувам Александра, фала ти на споделеното искуство 🙂