Реални искуства на трудници кои вежбаа кај нас ПИЛАТЕС ЗА ТРУДНИЦИ

Споделете со пријателите

Сите групи и сите вежбачи ми се драги, но некако најголема наклонетост и секако најголема одговорност имам кон групата ПИЛАТЕС ЗА ТРУДНИЦИ.

Овој тип на Пилатес го воведовме во редовните тренинзи во септември 2019 година. Во март групата ја префрливме онлајн и за среќа продолжи да функционира супер.

Часовите се уште ги одржуваме онлајн затоа што во време на пандемија е навистина небезбедно трудниците да вежбаат во група.

Среќна сум што веќе имаме многу пилатес бебиња и среќни и задоволни мајки.

Листата на мајки кои избраа да вежбаат пилатес во бременоста кај нас секој месец е се поголема. Некои од нив се навистина упорни и посветени и успеваат да вежбаат цела бременост.

Придобивките од активна бременост се огромни како физички така и ментално.

Реален пример за тоа сме јас и Елена со која ги водиме часовите. Кога би зборувала за тоа што направи физичката активност за мене во бременоста, но потоа и во време на доењето мислам дека можам да напишам роман. Физички останав фит, немав стрии, вишок кожа, отоци, немав никакви труднички проблеми, но најважно ми беше тоа што во бременоста и потоа останав ментално силна, позитивна и полна со енергија. Враќањето на телото назад во старата форма ми траеше многу кратко, за помалку од две недели на изглед бев старата Драгана иако закрепнувањето после царскиот рез траеше малку подолго.

Можеби ќе ве интересира: Како до полесно губење на тежината после породувањето?

За моето искуство сум зборувала неколку пати, имав дури и неколку гостувања на телевизија, она што сакам да го пренесам со оваа објава е искуството со вежбање Пилатес во бременоста на жени кои избраа да вежбаат Пилатес за трудници кај нас.

Ана Чочкова Ѓорѓиевиќ (Скопје)

Мајка станав на 33 години. Непосредно пред бременоста се занимавав во главно со трчање, планинарење, возење велосипед, а неколку години претходно долго време главна активност ми беше аеробик, пилатес и зумба. Морам да признаам дека во бременоста инсистирав на вежбање најмногу поради страв од неизвесноста пред мене, од самиот чин на пораѓање, од промените кои му се случуваат на телото…. Затоа, решив енергијата да ја насочам на друга страна, односно на вежбање. Според мене, најдобро нешто што една трудница може да го направи за себе и за своето тело е да биде активна и да вежба. Вежбањето ми помогна во периодот на поспаност и генерална замореност (првите 4 месеци), ми помогна за брз и лесен пораѓај (буквално целата процедура, од примање во болница до пораѓање ми траеше саат и половина, на бокс се породив за 10 минути). Вежбите беа адаптирани за трудници, дружењето и енергијата на часовите е бонус. Џек пот ми беше Драгана, која и самата неодамна трудница, ми беше од голема помош со совети за сѐ поврзано со вежбањето, бременоста и дури и понатаму и за бебето😊

Започнав да вежбам веднаш штом дознав дека сум бремена, односно уште пред 4-тата недела. Активна останав до крај, но за жал поради опасност од генетски наследни проширени вени и поради жешкото време престанав со вежбање пилатес за трудници во група некаде меѓу 6-ти и 7-ми месец…  Потоа продолжив да вежбам дома. Вежбањето ми даваше многу позитивна енергија, таа енергија доаѓаше и од инструкторите, но и од вежбачките. За време на целата бременост не се соочив со проблем со отоци. Во бременоста качив 10-12 kg, три дена после пораѓајот се вратив на 3-4 kg плус од времето пред да останам бремена.

Најголемата придобивка што ја почувствував од вежбањето беше породувањето, ДЕФИНИТИВНО! Слушав за мајки кои првата бременост поминале и по 48 саати на бокс, слушав мајки како се мачеа да се породат додека бев во родилна сала. Јас се породив за 10 минути на бокс, сосема природно и без никаква анестезија. Нема да лажам, имав болки претходните 48 часа кои ги поминав дома, темпирав контракции и броев секунди.

Вежбањето е најдоброто нешто што можете да го направите за вашето тело во бременоста. Ќе има денови кога ќе ве мрзи, ќе бидете без енергија и поспани, но ако успеете да го победите тоа во барем 80% од времето (ок е да скокнете тренинг одвреме-навреме) и се одлучите да вежбате во текот на бременоста, вашето тело ќе ви се заблагодари соодветно. Ви посакувам да поминете лесно како мене.

Катерина Чиплаковска Пешова (Скопје)

Животот постојано не предизвикува така растеме, созреавме и одиме скалило погоре! Верувам дека се се случува во свое време и со причина, ништо не е случајно. Двете цртки на тестот за бременост го кренаа ендорфинот до небо! На 29 години ми се случи најголемата среќа во животот. На 25.09.2020 за прв пат станав мајка на едно прекрасно машко дете! Од секогаш се трудев да бидам физички активна личност да се грижам пред се за моето здравје, а и за мојот изглед. Никогаш немав проблем со вишокот на килограми. Трчање, учество на полумаратони, трки од 5 и 10 km, планинарење, одење на работа со велосипед вежбање Пилатес со FITLIFE, беа моите комбинации да се одржувам во добра кондиција, да бидам во добро здравје и да бидам полна со позитивна енергија!

За време на бременоста се случи пандемијата со ковид19! Бев принудена да останам дома поради сензитивноста на мојата професија, заштитата на себе, бебето и другите околу мене! Сепак се трудев да бидам позитивна! Мислев дека брзо ќе помине се и дека ќе се вратиме во “нормала” но, за жал не беше така. Пандемијата продолжи, зема голем замав, бевме во карантин и мојата физичка активност се сведе на кратки прошетки. Едвај чекав да слушнам од докторот да каже дека можам да вежбам. Неговиот одговор беше “Оди на Водно не ти треба вежбање и таму се трошат калории”! Го послушав со одење на Водно но, не и да не вежбам. Од 15 недела активно се вклучив во групата за трудници на FITLIFE. Имав можност два пати неделно да вежбам со нив од дома кога сакам, а и колку пати сакам во текот на неделата истото видео имав можност да го вежбам! Со олабавување на мерките имавме можност и повеќе да шетаме.

Вежбањето пилатес ми даде огромен бенефит. Се чувствував лесно, немав потешкотии со движење и обавување на сите домашни обврски. Во текот на бременоста воопшто немав отоци и за тоа бев пресреќна и сум им преблагодарна на Драгана и Елена за прекрасните вежби, секако и вежбите за отоци и дишење што Елена несебично ги споделуваше со нас, а ми беа ептен од помош за време на породувањето!

Пилатесот ми помогна да се изборам со кризните моменти кои ги добивав одвреме-навреме во врска со моето неодење на работа. Како главна придобивка од него ќе го издвојам породувањето и пост-породилното закрепнување! Акушерката после породување ме праша дали сум вежбала за време на бременоста, бидејќи ги осетила моите мускули, зборовите на докторот беа “без вежбање немаше да може да дава напон и да турка вака како што таа правеше! На крај, бев полна со енергија, станав пребрзо и бев во можност да се грижам за детето и домашните обврски со помош на сопругот! Во однос на килограмите не можам да се пофалам дека сосемa малку качив, тоа не беше мој случај и покрај активностите качив 17 kg но, да ве охрабрам многу брзо се намалуваат после тоа!

За сите идни мајки ви препорачувам и сакам да ве охрабрам да вежбате и да не се плашите да го правите тоа, затоа што вашите малечки чувствуваат се! Секако тоа нека биде со дозвола од вашиот доктор и никако вежби на своја рака! Потребни се одговорни инструктори со искуство! Од срце Ви ги препорачувам Драгана и Елена од FITLIFE студио, тие се едноставно најдобри! Моето искуство е позитивно и затоа сакам јавно да им се заблагодарам!

Ви Благодарам девојки, останете вака позитивни, ширете ја вашата убава енергија и бидете горди за тоа!

Елена Тодевска (Скопје)

Останав бремена на 34 години, а се породив на 35. Уште пред бременоста долги години активно вежбав. Во бременоста само 3-тиот месец не вежбав. Пред да дознаам дека сум бремена вежбав во теретана. По препорака од гинеколог дека не се препорачува да се вежба во првите 3 месеци (а јас веќе бев на крај на вториот месец) направив пауза од вежбање во 3тиот месец.

Од почетокот на 4-тиот месец, нормално повторно со консултација со гинекологот дека можам да продолжам да вежбам, почнав со Пилатес за трудници. Прв пат вежбав пилатес, претходно постојано вежбав на справи, преубаво се чувствував и едвај го чекав секој нов час. Имавме презабавни часови со Драгана која е одличен и прекрасен инструктор, биејќи и самата има лично искуство со вежбање во бременост. Драгана точно знаеше кои и какви вежби да ни даде.

Морам тука да ја споменам и дружбата која ја имавме на часовите и со Драгана, но и со сите трудници кои вежбавме. Сите си споделуваме искуства и совети кои навистина многу значат во тој период.

Вежбав до самиот крај на бременоста. Се породив во 38-ма недела, а вежбав до 37-ма недела.

Вежбањето до самиот крај на бременоста ми даваше огромна енергија и ми помогна да немам никакви отоци во бременоста. На пораѓај отидов со штикли 🙃

Друга придобивка од вежбањето ми е што за време на целата бременост јас се поправив само 5 kg, а веќе после вториот месец после пораѓај бев ослабена 10 kg.

Благодарение на вежбањето ми беше олеснето враќањето во форма после породувањето, иако се породив со царски рез можев веднаш следниот ден да се движам и за многу брзо време бев спремна за прошетки со бебушот.

За сите идни мајки со нормална бременост би им препорачала Пилатес за трудници пред се поради стручноста на Драгана и не само што ќе добијат совети за вежбање, туку ќе добијат и други совети за здрава исхрана, потоа поради споделување на искуства со другите трудници и најважно – да имаат здрава бременост и лесен пораѓај!  

Вежбајте сите што можете затоа што бременоста не е болест, туку нешто совршено што треба да се надополни со вежбање!

Јас вежбав и во сала и онлајн поради ситуацијата со корона вирусот. Часовите се ефикасни и на двата начини.

Драгана продолжи само така, да мотивираш и трудници, но и сите што сакаат убав изглед и здрав начин на живот!

Марија Атанасова (Скопје)

Да се биде трудница во екот на пандемијата е тешко од повеќе гледишта. Едно од тие е седењето дома и влијанието врз психофизичкото здравје на таквата состојба. Со Драгана и Фитлајф вежбав секојдневно пилатес до половината од осмиот месец на бременоста. Позитивните тренинзи и прекрасните совети, како и здравите рецепти на Драгана го одржаа моето расположение на високо ниво, а вежбањето придонесе да имам комплетно здрава бременост, без отоци, без притисок, без појава на веќе претходно стекнат ишијас и дури со одржување на истиот мускулен тонус до самиот крај.

Часовите за трудници ги водиме заедно со Елена Ѓорѓиевска која исто така од неодамна стана мајка. Нејзиното искуство со вежбањето и бременоста како и враќањето во форма потоа ќе го споделиме дополнително.

Моето искуство и мојата Пилатес приказна можете во целост да ја прочитате тука.

Доколку ве интересираат повеќе детали за тоа како може да се вклучите и да започнете да вежбате пилатес за трудници проверете ги сите детали тука.

Моментално имаме само онлајн опција и се надеваме дека што поскоро ќе можеме да се дружиме и физички во сала!

Ви благодарам на сите кои вежбате и вежбавте Пилатес за трудница кај нас, среќна сум за секоја една порака од вас во која го искажувате вашето задоволство, среќа и убаво чувство од часовите.

Да шириме позитивна енергија и да се трудиме да бидеме најдобрата верзија од себе, затоа што само така ќе бидеме најдобриот пример за нашите деца.

Децата не сакаат теорија, тие и додека се бебиња и растат во нас ја примаат нашата енергија, а понатаму учат од нашите постапки!  

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *