Сарма со киноа, интегрален ориз и листови лобода

Споделете со пријателите

Да бидам искрена јас не сум некој обожавател на сарми, полнети пиперки и слични работи. Не дека не јадам, ама едноставно не ги преферирам и затоа и ретко или скоро и никогаш не ги готвам. Сакав да пробам малку поинаков рецепт за сарми и бев скептична колку ќе успее, но успеа и беше фантастично.

За да ги моткам сармите користев листови лобода и на крај и неколку листови блитва. Не знам дали сте слушнале, но лободата е зелјесто растение слично на блитва и спанаќ. Она по што се разликува е пониската концентрација на оксална киселина. Вкусот е горе доле ист како на спанаќот така што ако немате лобода слободно за овој рецепт искористете листови блитва или спанаќ.

Кај нас на пазар јас немам сретнато лободата, мојата е од градината на мајка ми, не третирана и сосема природна.

А сега да поминам на рецептот 😊

Потребни состојки (ова беше ручек за 2ца возрасни и 1 дете):

  • 15-20 листови лобода (може и блитва или спанаќ)
  • 300 g мелено телешко месо
  • 1 пиперка
  • 1 морков
  • 2 млади кромитчиња
  • 2 лажици киноа
  • 2 лажици интегрален ориз
  • малку маслиново масло
  • магдонос
  • хималајска сол и зачини по желба.

За подготовка на течноста во која ќе се варат сармите ќе ви биде потребно:

  • 1 домат
  • 1 главица кромид
  • вода.

Начин на подготовка:

Пиперката, морковот и кромидот ситно се сечкаат и заедно со месото и со малку маслиново масло кратко се запржуваат. На крај се додава киноата, оризот, магдоносот, солта и зачините.

Од зачини јас користев куркума, буковец, црн бибер и лук во прав.

Од оваа содржина ставате мала количина на секој лист од зелјето и виткате сармички. Јас сум многу невешта во виткање да бидам најискрена, но добро се снајдов 😊

Ги редите во тенџере и внимавате да бидат збуткани за да се држат така заедно и да не се распаѓаат 😊

Во бледнер го ставате доматот, малку вода и 1 главица кромид. Блендирате и со таа смеса ги прелевате сармите, доколку има потреба додавате и плус вода. Треба да има 2-3 прста течност над нив.

Чекате да зоврие, па намалувате на тикво и варите уште 20-тина минути. И тоа е тоа, ручекот е готов.

Инаку смесата за полнење можете да ја искористите и за полнење пиперки.

На здравје!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *