Извинете за сликата, знам дека не е најдобра ама дома не ми дозволија да сликам повеќе пати, ми разграбаа и ги снема крекерите за 10 минути 🙂
Инаку интересно е што овие крекери можат да бидат и low carb, наместо тие 200 g овесни снегулки може да се стави 50 g од неутрална протеинска мешавина од oriflamemk, 50 g мелени семки, 50 g мелено ленено семе и 50 g мелен сончоглед (следен пат јас ќе ги направам така), сега сакав да јаде и Ана па затоа ги правев со овес, но дефинитивно можат да бидат low carb и заедно со полна чинија зелена салата да бидат одличен оброк. Иако совршено се комбинираат и со кисело млеко.
Потребни состојки (за 16 поголеми колачиња):
- 200 g мелени овесни снегулки
- 1 лажица псилиум (не е задолжително)
- 120 g меко сирење, може дури и урда
- 120 g путер (1/2 коцка)
- 4 јајца
- 10 маслинки
- малку сол и некои зачини по желба.
Начин на подготовка:
Во сад првин ги мешате овесот, псилиумот, солта и зачините. Значи не мора псилиум, но ако немате додадете барем малку пециво.
Во друг сад заедно се матат јајцата, се додава сирењето кое со виљушка убаво го иситнив, а потоа го додадов и путерот кој го стопив на пареа. Кога убаво се соедини смесата ја споив со сувата смеса и мешав убаво.
На крај ги додадов маслинките и со лажица вадев од смесата и правев кругови како бомбици кои ги ставав на хартија за печење во плех потиснувајќи ги одозгора да станат како кружни колачиња.
Ја загреав рерната на 250˚С, но штом ги ставив ја намалив на 160˚С и ги печев 20-тина минути. Но, проверувајте да не ви прегорат. Кај мене беа совршени, но сепак секоја рерна е различна и различно пече, претпоставувам дека секој си ја знае за својата.
Нутритивни вредности по колаче:
- 146 калории
- 8.9 g јаглехидрати
- 9.8 g масти
- 5.4 g протеини
- 1.5 g влакна
Ве очекувам со слики од готови колачи 😊








