Овој рецепт е на Марина Пешиќ, но е нешто што мора да го пробате. Брзо, едноставно, здраво и највкусно!
3 состојки и 1 минута е сè што ви треба.
Друга одлична работа со овој рецепт е тоа што сусамот, кој е основната состојка на овие сусамки, има идеален нутритивен состав. Содржи дури 18 g на протеини во 100 g, 12 g растителни влакна, а дополнително содржи и многу незаситени масни киселини. Одличен извор е на калциум, железо, Б-витамини и магнезиум.
Потребни состојки:
- 300 g сусам (јас ставив 150 g интегрален и 150 g бел)
- 2 лажици мед
- 2 лажици кокосово масло.
Начин на подготовка:
Во тавче ставете го сусамот и кратко загрејте го без ништо. Кога ќе се загрее и ќе почне да мириса, тргнете го од оган. Во него додадете ги медот и кокосовото масло и убаво соединете. Истурете ја смесата во плех, но задолжително на хартија за печење, одозгора ставете уште еден слој хартија и со сукало или поголема лажица натапкајте. Сусамот ќе сака да се двои, но вие силно натапкајте. Кога ќе ставите во фрижидер ќе се стегне и поврзе. Откако ќе ја натапкате смесата, со нож исечете коцки или правоаголници и оставете ги сусамките во зармзнувач.

Од оваа количина ќе добиете околу 30 сусамки, сепак тоа ќе зависи од плехот кој го користите и од големината на вашите сусамки.
Одлични се за десерт, но можете да ги комбинирате и во појадокот заедно со свежо овошје.
На здравје! 🙂








