Многу пати на стори на Инстаграм имам ставено слика од овој појадок, но сметам дека треба да го имам и вака на пост затоа што мислам дека ретко се практикува, иако искрено не е ништо генијално.
Варената пченица мене ме потсеќа на детството и верувам дека многумина ќе ве постети. Целите зрна пченица се одлични за старт на денот затоа што изобилуваат со сложени јаглехидрати, кои споро ја ослободуваат својата енергија и нè држат сити подолго време. Исто така 100 g пченица содржи и околу 7 g протеини, но и 8-9 g растителни влакна што е околу 40% од дневната препорачана количина. Дополнително пченицата содржи и антиоксиданси (витамин Е), содржи Б витамини и магнезиум кои се важни за целокупното здравје.
Друг интересен факт за пченицата е тоа што е многу евтина, 1 kg е околу 50 денари максумум. А од 1 kg ќе имате за 7-8 појадоци и тоа за цело семејство.
Како јас ја подготвувам пченицата?
Секогаш кога ми е во план дека следниот ден сакам да јадеме за појадок варена пченца ја подготвувам навечер, затоа што и треба малку подолго време за варење. Обично за да јадеме сите тројца ставам околу 120-150 g максимум (не мерам ова ви го пишувам отприлика, ставам од око, но знам дека од пакетче од 0.5 kg имам за 3-4 појадоци).
Пред да ја варам ја покиснувам во вода, обично тоа се околу 2 часа, но може и повеќе зависи колку време имам. Потоа ја фрлам таа вода и додавам нова, ја оставам да зоврие и потоа го ставам капакот на тенџерето, ја намалувам на тивко и ја оставам да се вари 30-40 минути. Ставам секогаш повеќе вода, можеби три-четири пати повеќе отколку што има пченица.
Кога ќе видам дека зрната омекнале и распукале, го исклучувам шоретот и ја оставам така поклопена да стои цела ноќ. Веќе следното утро речиси и да не останала вода во тенџерето и зрната се целосно направени. Ако останала вода ја процедувам преку цедалка и пченицата е спремна за појадок.
Што ѝ додавам?
- мелени јатки или путер од јатки (може што било: лешник, бадем, ореви, индиски; кога правам за нас оставам и по неколку цели јатки, а за Ана секогаш мелам или ставам 1 лажичка од некој путер)
- малку мед
- суво овошје (не премногу, и најчесто ставам суво грозје, суви сливи и суви смокви)
- морско оревче и малку цимет.
Бидејќи секогаш пченицата ми е спремна од претходната вечер, наутро за подготвување ми требаат помалку од 3 минути.
Ова е одличен појадок кој можете да си го ставите во тегличка и да си го носите со себе и на работа.
Инаку истото ова го правам и со цели зрна овес, а многу често знам да измешам и пола пола.
На здравје! 🙂








