Дали уживате во топла бања и купка после напорниот ден? Тоа е вистинска релаксација и за умот, но и за телото.
А, замислете сами да си ја направите купката и да биде богата со етерични масла и хранливи состојки кои покрај тоа што ќе ве релаксираат, ќе ви ја ревитализираат и кожата.
Навистина е лесно, имаме брз рецепт како да подготвите “бум во када”. Топчеста купка која прави неодоливи меурчиња и мириса на вашето омилено етерично масло. Еве го рецептот.
Потребни состојки:
- 6 лажици сода бикарбона
- 3 лажици лимонска киселина (лимонтус)
- прехрамбени бои за храна (можете да ги купите во било кој маркет и да ја изберете омилената боја, како замена за нив можете да користите куркума која ќе и даде жолта боја на купката)
- 1 лажица сува жалфија или нане
- 6 лажици морска сол
- етерично масло по избор.
Начин на подготовка:
Во поголем сад измешајте ги сода бикарбоната, лимонската киселина, морската сол и етеричното масло кое го користите. Поделете ја смесата на два дела, иако не мора бидејќи можете да ја направите купката и со една боја.
Во едниот дел додадете малку жалфија и од една боја (ние додадовме розева), а во другиот дел малку нане и од другата боја (ние додадовме зелена). Откако убаво ќе измешате од око полека додадете неколку капки вода, но потребно е да бидете внимателни. Водата ја ставаме само да ни помогне да ја врземе смесата, ако додадете повеќе вода ќе настане реакција и веднаш смесата ќе почне да жубори.
На крај ставете ја содржината во калапи (ние користевме калапи за колачи). На дното ставете од едната боја до половина, а потоа од другата и оставете го во фрижидер 1 час да се стегне.
Користете ја оваа “бум” купка за релаксација и уживање после напорниот ден или после напорен тренинг!
Рецептот и сликата ни ги испрати Елена Ѓорѓиевска.
Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.