Ако сакате да го подобрите здравјето и да внесете што повеќе “здрави масти” во телото, редовно конзумирајте маслинки и маслиново масло. Маслинките содржат витамин А, Е и К, содржат и витамин Б1, Б3, Б6 и фолна киселина. Богати се со магнезиум, калиум и калциум, но што е најважно богати се со “здрави масти” кои го чуваат пред се кардиоваскуларниот систем.
Освен во салата овие мали моќни топчиња можете да ги искористите да подговите вкусна, посна и здрава паштета од маслинки која е одлична за појадок заедно со енергетските плочки без масло и без брашно (рецептот за нив пронајдете го тука). Оваа комбинација е одлична за здрав и енергичен почеток на денот.
Еве ги потребните состојки за паштетата од маслинки:
- 200 g маслинки без семка
- 1 варен компир
- малку лук (по желба)
- сув магдонос
- сол и црн бибер
- 1 мала лажичка сок од лимон
Начин на подготовка:
Маслинките убаво исчистете ги од семките и насечкајте ги на половинки или на четвртинки, компирот насечкајте го на мали коцки. Ставете ги и маслинките и компирот во блендер и додајте го магдоносот, солта, биберот, лукот и лимоновиот сок. Блендирајте дури не добиете густа и хомогена смеса.
Складирајте ја паштетата од маслинки во стаклена тегличка и чувајте ја во фрижидер.
Освен со енергетските плочки можете да ја комбинирате и со интегрално лепче или пак да ја искористите како дресинг во вашата омилена салата.
На здравје!!!
Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.