Овој ручек ме потсеќа на студентските денови. Секогаш го правев различно, се зависеше од тоа што имав во фрижидерот. Се подготвува многу брзо и одлично се комбинира со свежа зелена салата или пак со зелка и рендано цвекло.
Ако немате идеа за ручек, ова е одличен предлог.
Потребни состојки:
- 1 чаша ориз (можете да изберете и интегрален, но имајте во предвид дека интегралниот се вари подолго време)
- 200- 300 g зеленчук по желба (морков, брокула, карфиол, тиквичка, зелка, кромид, пиперка, печурки и сл.)
- 1 лажица маслиново масло
- 2 лажици сенф
- малку хималајска сол и зачини по желба (црн бибер, куркума, оригано).
Начин на подготовка:
Оризот првин сварете го во вода со многу малку сол. На една часа ориз ставете 3 чаши вода и капнете неколку капки оцет, на тој начин зрната ориз ќе се двојат и оризот нема да биде леплив. Кога ќе се свари оризот истурете го во цедалка и оставете го целосно да се исцеди од водата.
Во тавче што не лепи на оган ставете го маслиновото масло и во него додадете го зеленчукот насечкан на парченца. Пропржете само колку да омекне и додадете го оризот. Убаво измешајте и додадете ги двете лажици сенф. На крај додадете малку сол и зачинете со зачините кои вие ги сакате.
Комбинирајте го овој вкусен и лесен ручек со свежа салта по ваш избор. Како што споменав погоре одлично се комбинира со свежа зелена салата или со зелка и рендано цвекло.
Добар апетит!
Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.