Здрава овесна торта со вишни

Споделете со пријателите

Оваа здрава овесна торта е инспирација од палачинките со банана и овесни снегулки. Всушност намирниците и состојките за кората се многу слични како за подготовка на палачинките. Тоа што се разликува е филот кој е вистински деликатес затоа што се прави од вишни, мед и желатин. Наместо вишни можете да употребите и малини или јагоди. Бидејќи сега е време кога го немаме ова овошје свежо, користете замрзнати вишни. Јас искрено секогаш имам залихи од овие овошја во замрзнувачот затоа што одлично се вклопуваат во многу здрави десерти, во овесна каша и во смути. Ако немате во фрижидер можете да купите во било кој подобро снабден маркет.

Еве ги потребните состојки:

за кората:

  • 400 g овесни снегулки (ставете ги во блендер и бленирајте 2-3 минути така што ќе добиете брашно од овесни снегулки)
  • 100 g мелени лешници или бадеми
  • ½ прашок за пециво
  • 3 јајца
  • 2 банани
  • 2-3 супени лажици мед
  • 1 супена лажица кокосово масло или пак маслиново
  • 50-100 ml вода

за филот:

  • 300 g замрзнати вишни
  • 100 ml вода
  • 2 супени лажици мед
  • 1 кесичка желатин.

Начин на подготовка:

За да ја подготвите кората првин во подлабок сад измешајте ги сувите делови: овесното брашно, мелените лешници или бадеми и прашокот за пециво. Во блендер или пак со миксер измешајте ги јајцата, бананите, медот и кокосовото масло. Кога ќе добиете хомогена смеса од течните делови соединете ги двата дела и убаво измешајте. Доколку смесата е многу густа и многу тешко се меша полека додадете малку вода, промешајте па додадете уште малку. Ако смесата е многу густа кората ќе биде потврда, а ако е помека ќе биде повоздушета.

Ставете ја кората да се пече во плех број 38 обложен со мрсна хартија за печење. Печете 20-тина минути на 180°C.

За да го подготвите филот првин кесичката желатин помешајте ја со 4 супени лажици ладна вода и оставете да стои 10 минути, потоа додадете 1 лажица вода и ставете го желатинот  на оган да се стопи, но не варете. Во друг огноотпорен сад ставете ги вишните (не мора да бидат одмрзнати), потоа додадете ја водата и медот па на крај и растопениот желатин. Загрејте на оган, но не на многу јако, смесата не би требало да врие. Кога се убаво ќе се соедини оставете го филот да се олади.  Како што се лади полека ќе се згуснува.

На крај кога филот малку ќе се излади истурете го врз кората и оставете ја тортата во фрижидер околу 1 час.

Ова е финалниот производ . Добар апетит!!!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *