Здрави ролнички со зеленчук и туна

Споделете со пријателите

Предлог за здрав ручек или лесна вечера. Овие ролнички ќе ги засакате многу. Се подготвуваат многу лесно и брзо така што ќе имате здрав оброк за помалку од 5 минути.

Потребни состојки (за 4 ролнички):

  • 3-4 листови оризова хартија
  • 1 авокадо
  • 1 конзерва туна
  • 1 краставица
  • 1 морков
  • 2-3 лажици хумус (по желба , можете да го замените и со некој друг здрав сос)
  • неколку листови темна рукола или малку свеж копар
  • за сервирање малку ленено семе и сусам.

Оризовата  хартија можете да ја најдете во било кој маркет, побарајте ја во делот каде што се наоѓаат соја сосовите, нудалс и слични производи кои се користат во кинеската кујна. Изгледа како на сликата подолу. Има многу лесен и убав вкус на варен ориз. За да ја јадете треба само да ја потопите во вода и да го завиткате омилениот зеленчук, месо, риба и сос по желба.

За денес ви даваме идеа за ролнички со зеленчук и туна.

Начин на подготовка:

Краставицата и морковите изрендајте ги или насечкајте ги на долгнавести парченца. Авокадото исечете го на половина и со ноже извадете ја коската, потоа насечкајте го на тенки долгнавести парчиња.

Оризовата хартија потопете ја во обична ладна вода и ставете ја во чинија па започнете со редењето.

Додадете од ренданата краставица и морков, ставете малку туна и авокадо, неколку листови рукола и малку хумус (по желба). Завиткајте ја оризовата хартија како палачинка и одозгора наросете со малку ленено семе и сусам.

Начинот на подготовка можете да го видите на видеото подолу кое многу малку се разликува од нашиот предлог.

Добар апетит!

Очекувајте и рецепт за здрави благи ролнички со овошје и мед.

Рецептот и сликите ни ги испрати Елена Ѓорѓиевска.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *