Здрав колач со банана и куркума кој не се пече

Споделете со пријателите

Одлична комбинација на вкусни и здрави намирници. Овој колач/тарт е одличен десерт за секој период од годината затоа што се подготвува со банани, куркума и јаткасти плодови кои ги имаме постојано. Бананите се здрави намирници полни со многу калиум, а куркумата пак е вистинска ризница на многу здравствени благодети. Јаткастите плодови се богати со многу здрави масти кои го чуваат нашето кардиоваскуларно здравје.

Количината на состојките кои ги користевме е доволна за подготовка на 4 парчиња од овој колач. Калапот за тарт кој го користевме е со дијаметар од 17 cm. Овој калап изгледа како на сликата подолу.

Еве ги потребните состојки за колачот:

за кората: 

  • 50 g мелени непечени бадеми
  • 50 g мелени непечени лешници
  • 10-12 суви урми (киснати во вода барем 1 час)
  • 4 супени лажици кокосово брашно

за филот: 

  • 2 замрзнати банани
  • 50 g непечени индиски ореви (киснати во вода 1 час)
  • 1 мала лажичка куркума
  • 1 мала лажичка мед (бананите сами по себе се благи, така што медот додадете го опционално доколку сакате)

Начин на подготовка:

Бадемите, лешниците и урмите ставете ги во сецко/блендер и мешајте дури убаво не се соединат. Потоа сместа истурете ја во друг сад и додадете го кокосово брашно. Кога убаво ќе се соединат состојките истурете ја смесата во калапот за тарт и убаво обликувајте ја дури не добиете структура на кората во форма каков што е калапот. Потребно е во средината да имате една вдлабнатина во која ќе го истурите филот.

Филот се подготвува така што во блендер ќе ги ставите замрзнатите банани, потоа ќе ги додадете омекнатите индиски ореви и куркумата. Се меша дури не се добие густа и еднолична смеса. Вака подготвениот фил истурете го во садот со кората и одозгора декорирајте по желба.

За да можете лесно да го сечете колачот и лесно да ги извадите парчињата, потребно е го оставите во замрзнувач минимум 1 час.

Добар апетит!

Повеќе рецепти за подготовка на здрави десерти пронајдете тука.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *