Овесни колачиња со гоџи бобинки

Споделете со пријателите

Сигурно забележувате дека овесните снегулки се едни од главните намирнци во скоро сите наши здрави десерти. Тоа не е случајно затоа што овесот е богат  со протеини, витамини (од групата Б, витамин К, Е, Д и провитаминот А), минерали (калциум, фосфор, калиум, железо, бакар, цинк, манган, натриум, магнезиум, сулфур, јод, флуор и бор) и есенцијални амино киселини. За овесот може да се каже дека е зрно на здравјето затоа што е многу моќна намирница која го подобрува целокупното здравје.

Што мислите за нашиот денешен здрав предлог – Овесни колачиња со гоџи бобинки?

Овие овесни колачиња се многу вкусни, здрави и крцкави и се одлични за било кој дел од денот како десерт или здрава закуска заедно со топла чаша чај или црно кафе.

Еве ги потребните состојки:

  • 100 g мелени непечени лешници
  • 10-тина урми (киснати во вода 1 час)
  • 150-200 g овесни снегулки
  • 2 супени лажици мед
  • 3 супени лажици суви гоџи бобинки (киснати во вода 1 час за да омекнат)
  • 3 супени лажици мелено ленено семе
  • 5-6 супени лажици вода (по потреба).

Начин на подготовка:

Првин меленото ленено семе потопете го со малку вода и оставете го убаво да накисне (околу 15 минути). Потребно е да се формира “желе” од лененото семе.

Лешниците и урмите ставете ги во сецко/блендер и мешајте дури смесата не се соедини. Потоа оваа смеса префрлете ја во подлабок сад и додадете ги овесните снегулки, медот, гоџи бобинките и “желето” од ленено семе. Измешајте убаво и доколку смесата е многу густа додадете малку вода, но ако е ретка додадете уште малку овесни снегулки.

Од смесата формирајте топчиња кои потоа ќе ги сплескате. Колку се потенки овие колачиња толку повеќе ќе се дехидрираат и ќе бидат по крцкави. Наредете ги во тавче обложено со хартија за печење и ставете ги во рерна загреана на 100С па оставете ги да се дехидираат околу 1-1.5 час. Оваа количина е доволна за подготовка на околу 15 колачиња, но сепак тоа ќе зависи од нивната големина.

На здравје!!!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *