Home Рецепти Здрави десерти Здрави чоколадни мафини со здрав чоколаден прелив

Здрави чоколадни мафини со здрав чоколаден прелив

220
2

Овие мафини како и многу други излегоа сосема случајно од тоа што го имав моментално во фрижидер, сакајќи да направам некој здрав и вкусен десерт набрзина. Финалниот производ секако дека беше фантастичен, дури и подобар од очекуваното.

Одличен предлог да ги изненадите најблиските и да ги засладите со нешто благо, што сепак ќе биде здраво. Пробајте да ги направите, ќе се изненадите од тоа колку се едноставни, а сепак премногу вкусни! 🙂

Потребни состојки за мафините:

  • 1 чаша интегрално брашно
  • 1 чаша овесни снегулки
  • 2 лажици какао (може и сомелени какаови зрна, околу 5-6)
  • 1 банана
  • 1 јајце (може да се замени со 2 лажици чиа семе киснато во ½ чаша вода)
  • 2 лажици мед
  • ½ чаша бадемово млеко (може и обично)
  • 2 лажици маслиново масло
  • цимет (по желба)
  • малку прашок за пециво.

Потребни состојки за чоколадниот прелив:

  • 2 лажици кокосово масло
  • 2 лажици путер
  • 2 лажици мед
  • 1 лажичка псилиум (за поголема густина) – не е задолжително
  • за наросување одозгора по желба потребни ќе ви бидат и мелени или кршени лешници и малку сува брусница.

Начин на подготовка на мафините:

За подготовка на мафините најпрво измешајте ги сите суви делови во еден длабок сад (интегралното брашно, овесните снегулки, какаото, циметот и прашокот за пециво). Соединете ги состојките убаво дури не добиете хомогена и еднолична смеса.

Во друг сад или во блендер ставете го јајцето, млекото, бананата, медот и маслиновото масло. Убаво соединете ја и оваа смеса.

На крај соединете ги двете смеси заедно, и доколку добиената смеса е многу густа додадете малку вода, а ако е многу водена додадете малку овесни снегулки или пак интегрално брашно.

Истурете ја чоколадната смеса во калапи за мафини, и печете во загреана рерна на температура од 180°С околу 20 минути. Проверувајте да не ви изгорат, затоа што сепак времето на печење зависи од тоа колку јако ви пече вашата рерна.

Начин на подготовка на чоколадниот прелив:

Ставете го путерот и кокосовото масло да се стопат и соединат на пареа. Потоа во загреаната смеса додадете го какаото, медот и псилиумот и убаво размешајте, ќе добиете убава густа чоколадна смеса. Оставете ја малку да се олади, но не целосно за да можете да ги мачкате мафините одозгора.

Кога ќе се испечат мафините, врз секој мафин ставете по малку од чоколадниот прелив и наросете одозгора со кршени лешници и сува брусница. Доколку не ви се брза со јадење, оставете ги во фрижидер да се оладат, после 1-2 часа се многу повкусни затоа што чоколадниот прелив ќе стане цврст, а и самите мафини ќе бидат посочни.

На здравје! 🙂


Повеќе идеи за здрави десерти, пронајдете тука.

2 COMMENTS

Leave a Reply to Yasmine Cancel reply

Please enter your comment!
Please enter your name here