Што ме научи мојот прв полумаратон?

Споделете со пријателите

Дали ви е познато чувството кога некој предизвик во животот ќе ве обземе, а вие упорни ќе успеете да го совладате? …21 km па тоа е премногу….ќе можеш ли тоа да го истрчаш?…зошто си ја мачиш душата?…..ќе истрчаш, ти си упорна….Ова се само дел од коментарите кои кружеа околу мене дури траеше моето 8 неделно спремање за мојот прв полумаратон. Не се сомневав дека нема да успеам во намерата, иако морам да признаам дека последниот ден пред трката чувствував голема трема, слична на онаа која ви се јавува пред полагање испит. Се спремав посветено, трчав како што ми беше предвидено по програмата и со големо нетрпение го чекав денот. Се радував и нетрпеливо чекав, како мало дете кое го чека Дедо Мраз да му донесе подароци.

Конечно дојде денот, првиот звук на алармот веднаш ме крена на нозе. Кафе, банана, две коцки чоколадо, хеланки, маичка, бројчето, патики………

8.45 старт на трката, звукот на сирената за старт ми ги крена влакната по целото тело. Започнав со темпо кое не ни замислував дека можам да го постигнам. 5 km…..супер сум…..10 km.. стана малку топло, но сепак убаво се чувствував…..13 km…добра сум, гледам во телефонот и не им верувам на очите, па јас уште трчам со она почетно темпо…..17 km веќе и не бев толку добро, но крајот се гледаше….18 km…нозете се изморија, но не ни размислував за тоа да застанам и да земам здив па да продолжам…трчав, може за нијанса со послабо темпо, но упорно…. 20 km …оф еве го крајот, но многу голем последниот километар…еве го финишот го гледаааам… уште малку… ќе издржам…. на 200 метри пред крајот веќе не знаев што чувствувам, всушност ништо не чувствував, целото тело ми се тресеше и од замор и од возбуда…го поминав финишот…па тоа чувство не се опишува…..среќа, возбуда и сладок замор!

Навистина е неверојатно што може да направи телото, дури и кога умот се откажува.

Маратонската или полумаратонската трка ќе ви помогнат да ги срушите ваште лични рекорди, да се надминете себеси, да научите да не се откажувате лесно. Тоа ќе ве направи појака личност и во секојдневниот живот, ќе ви помогне полесно да се справувате со било каков предизвик. Енергијата на самиот настан ќе ви разбуди многу емоции кои ќе ги чувствувате долго потоа…..моменталната болка и замор изчезнуваат истиот момент кога стапнувате на финишот. И како што викаат мајките дека породувањето е тешко но, кога ќе го видите своето бебе заборавате на се, така и овде, кога ќе го видите финишот и луѓето наоколку кои со восхит ве бодрат, заборавате и на болката во нозете и на заморот….Епа се гледаме на следниот маратон! 🙂

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *