Home Рецепти Здрави десерти Новогодишни путер колачиња

Новогодишни путер колачиња

101
0

Имав многу голема желба убаво да ги украсам и да личат баш на новогодишни, празнично украсени колаченца, ама еден проблем е што не ме бива баш да декорирам, а вториот е што не сакам да користам бел шеќер и вештачки бои за да направам смеса за фил.

Бидејќи обидот за украсување беше неуспешен, смесата што ја подготвив едноставно само ја ставив одозгора и наросив мелени бадеми (ќе ви пишам подолу што ставив).

Во секој случај колачите се преубави и без украсување. Ана ги преполови додека јас да најдам време да ги декорирам. 😊

Потребни состојки:

  • 400 g брашно од спелт (можете да користите какво било брашно или мешавина од брашна, можете да ставите и мелени бадеми, битно е количината да е 400 g)
  • 200 g путер омекнат на собна температура
  • 3-4 лажици мед (јас користев јачменов слад, имав па сакав да го искористам)
  • ½ лажичка ѓумбир во прав
  • ½ лажичка цимет
  • 1 лажичка прашок за пециво
  • ако сакате можете да ставите и јајце (јас правев без и излегоа супер, но сум правела слични и со јајце и се подеднакво одлични).

Начин на подготовка:

Во подлабок сад првин ги мешате брашното, пецивото, ѓумбирот и циметот. Во таа смеса после го додавате путерот и медот, и ја соединувате смесата со раце. Путерот не треба да е растопен. Кога сè убаво ќе се соедини, со сукало извлечете тенка кора и вадете форми.

Се печат релативно брзо. Јас ги печев во загреана рерна на 160˚С околу 8-10 минути (им висев да не ми изгорат 😊).

Ако сакате да бидат поблаги можете да ставите повеќе мед, нас вака ни се баш таман.

Филот за украсување кој пробав да го направам го направив од белка, кафеав шеќер во прав (го направив сама во блендер) и какао, за зелената боја наместо какао искористив хлорела во прав.

Обидот за украсување не беше најуспешен, но колачињата дефинитивно се. Јас ќе си ги правам почесто ама без декорации. 😊

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here