Ова се најкрцкавите и најубавите бисквити направени во нашата кујна. Превкусни се, а не содржат брашно, масло или пак јајца. Одлични се за со шолја црно кафе или пак со топол чај.
Пробајте ги задолжително, нема да зажалите!
Потребни состојки:
- 3 лажици мелено ленено семе
- 3 лажици мелено чиа семе
- 3 лажици сусам
- 3 лажици мелени бадеми
- 6 лажици овесни снегулки
- 1 лажица какао
- ½ лажичка цимет
- 100 g црно чоколадо (со 75% какао)
- 1 лажица кокосово масло
- 150 ml свежо исцеден сок од портокал (исцедете два потокали и дополнете до 150 ml со вода).
Начин на подготовка:
Потребно е сите состојки да бидат во мелена варијанта, така што ќе се добие убава и хомогена структура. Ако ги имате семињата мелени, тоа е супер, а ако не ставете ги во блендер/процесор за храна и убаво иситнете.
Првин ставете ги лененото семе, сусамот и чиа семето и убаво измелете. Потоа ставете ги овесните снегулки заедно со бадемите и продолжете со мелење. На крај соединете ги двете смеси и додадете го какаото и циметот.
На оган ставете вода да врие, па на пареа истопете го чоколадото и во него додадете 1 супена лажица кокосово масло.
Кога чоколадото ќе се стопи истурете го во смесата од семиња заедно со сокот од портокал и убаво мешајте. Кога ќе добиете хомогена смеса, оставете да стои 10 минути во фрижидер. Тоа е доволно време лененото семе и чиа семето да ја впијат влагата и да ја поврзат смесата.
Потоа во голем правоаголен плех ставете мрсна хартија за печење и истурете ја смесата. Врз смесата ставете повторно мрсна хартија и со сукало развлечете ја смесата убаво, дури максимално не се истенчи. Колку е потенка толку бисквитите ќе бидат покрцкави. На крај тргнете го горниот слој мрсна хартија и ставете ги бисквитите во загреана рерна на 100°С да се сушат половна час. После половина час извадете ги и со нож насечкајте форми по сопствена желба (квадратчиња, правоаголници, триаголници и сл.) па вратете и продолжете со сушење/печење на 100°С уште еден и пол час.
На крај извадете ги и оставете ги да се оладат, па складирајте ги во тегла или во специјален сад за храна.
Добар апетит!!!
Повеќе идеи за здрави десерти пронајдете тука.








