Пројата е совршена за појадок за целото семејство и тоа особено во викендите. Мирисот кој се шири дури се пече ќе ви ги разбуди сите сетила…едноставно е прекрасно. Се подготвува многу брзо, здрава е, а и ако ви остане можете остатокот да го чувате во фрижидер за следните неколку дена.
Можете слободно да си спакувате и за на работа и да имате здрав појадок на работното место.
Еве што е потребно:
- 3 јајца
- 200 g пченкарно брашно
- 200 g интегрално пченично брашно (ова можете да го замените и со некое безглутенско брашно)
- 250 ml јогурт
- 150 ml маслиново масло
- 250 g спанаќ (малку обарен и ситно исечкан)
- 200 g сирење со помала масленост (козјо или кравјо)
- 2 моркови со средна големина (изрендани)
- 1 прашок за печиво
- 1 лажичка сол
- 1 лажичка куркума
- 2 лажици сусам
- 2 лажици ленено семе
- 2 лажици сончоглед.
Начин на подготовка:
- Првин во подлабок сад измешајте ги двата типа на брашно, потоа додадете го прашокот за печиво, солта, куркумата, сусамот, ленот и сончогледот. Убаво измешајте со голема лажица.
- Во друг сад изматете ги убаво јајцата. Во нив додадете го јогуртот и маслиновото масло. Потоа кога се убаво ќе се соедини во смесата со јајцата додадете го насечканиот и обарен спанаќ, изренданото сирење и моркови и соединете ја смесата.
- На крај соединете ги двете смеси убаво (смесата со брашно + смесата со јајца). Ако е многу густа додадете малку јогурт, а ако е многу ретка додадете малку пченкарно брашно.
- Загрејте ја рерната на 200°С и ставете ја пројата да се пече во плех обложен со мрсна хартија за печење. Печете 20-25 минути дури убаво не зарумени одозгора.
На здравје!








