Погодени за сечии вкус, се сипат во уста како некои највкусни бисквити, ама солени 😊
Можат да се јадат во 300 различни варијанти. Со свеж зеленчук и малку сиренце, само со јогурт, со хумус или некој ваш омилен намаз. 3-4 ви во комбинација со нешто од наведеното се доволни за одличен и балансиран појадок.

Потребни состојки (од количина излистана подолу јас добив 100 крекери):
- 100 g интегрален сусам
- 100 g ленено семе
- 100 g мелен сончоглед
- 200 g брашно од спелта
- 200 g овесно брашно
- 150 ml маслиново масло
- 150 ml кисела вода
- од зачини: 1 лажичка хималајска сол, 1 лажичка оригано и 1 лажичка благ буковец
Начин на подготовка:
Во длабок сад првин се мешаат сувите делови и зачините. Кога ќе измешате се заедно ги додавате водата и маслиновото масло и продолжувате со мешање, сега може да продолжите и со рака. Потребно е да се добие густа смеса што не се лепи по раце која ќе може со сукало да ја извлечете во кора. Значи можете да си играте со состојките, ако смесата ви е набиена додајте уште малку кисела вода, ако е ретка додајте малку брашно. Исто така во однос на брашната не мора мојата комбинација на спелт и овесно брашно, можете и комбинација на интегрално пченично и ‘ржано или пак комбинација која вие ја сакате.
Кога ќе извадите тенка кора со калапче вадете ги посакуваните форми. Јас од оваа количина горе добив 100 колачиња со големина како на сликата.
Се печат во загреана рерна на 180С околу 20-тина минути. Ова подолу е слика пред печење.

Во поглед на нутритивните вредности, еден крекери содржи:
- 45.5 калории
- 3.7 g јаглехидрати
- 3 g масти
- 1.1 g протеини
- 1 влакна
Овие вредности се приближни и се однесуваат доколку и вие добиете 100 колачиња, во спротивно помножете ги вредностите по 100 па поделете со вашиот број на колачиња.

Чекам слики и тагови 😊








