Како да го спречите прејадувањето во карантинските денови?

Споделете со пријателите

Социјалната дистанца и изолацијата се начини да се спречи ширењето на коронавирусот кој моментално демне низ цел свет. Затвореноста дома, намаленото движење и физичката неактивност кај многу луѓе поттикнуваат зголемен внес на храна.

Опсесијата со храна во најголем број случаи се јавува поради досада или пак поради стрес.

Ако ви се случи еднаш или два пати да се прејадете не е воопшто страшно, но ако постојано јадете и тоа храна која содржи празни калории, често грицкате чипови, крекери и слично, јадете благo буквално секој ден, тогаш ден по ден телото ќе почне да чувствува и физички и психички.

Килограмите иако не преку ноќ, но грам по грам килограм по килограм ќе се “трупаат”. Едно чоколадо не е ништо, но тоа едно чоколадо и денес и вчера и утре, лебот со секој оброк, газирано сокче после ручек и малку чипс со филмот навечер е многу….Исто како што слабеењето не се случува преку ноќ и дебелеењето не се случува преку ноќ. Иако сега најголем дел од времето сме дома, не треба тоа да ни е изговор и постојано да јадеме “глупости”. Иако навидум изгледа лесно, не секој може да се справи со силната желба за постојано јадење. Емоционалното прејадување е проблем навистина.

Можеби ќе ве интересира: Како да го прекинете емоционалното прејадување?

Прочитајте ги овие 10 едноставни начини кои ќе ви помогнат да го спречите или намалите прејадувањето во моменти кога сте дома и ви е досадно.

1.Одговорете на прашањето: Зошто толку јадам?

Еден од најдобрите начини да го спречите прејадувањето е да сфатите зошто тоа се случува. Моментално најголема причина е досадата и стресот. Следниот пат кога ќе размислите да посегнете по храна, најпрвин поставете си го прашањето “Зошто јадам, дали сум гладен/а?”. Само секунда размислување на темата ќе биде доволно да се тргнете од кај фрижидерот и да избегнете непотребно внесување на калории.

2. Не купувајте грицки и благо за да ви се најдат

Нема момент кога може да ви се најдат грицки и благо, едноставно дома не чувајте такви залихи. Ако знаете дека во фиоката во кујна има цело чоколадо и неотворен чипс, многу е веројатно дека до утре ќе го нема, затоа не купувајте и заштитете се себе си од празни и непотребни калории.

Ketogenic Diet: The Worst Foods You Can Eat

Кога навистина ви се јаде некоја ужинка, направете разумен избор.

Можеби ќе ве интересира: 10 предлози за здрава нискокалорична ужина

3. Направете си план на оброците

Пред да одите на спиење направете распоред на оброци за следниот ден во зависност од тоа што имате дома. Дефинирајте точно што ќе готвите и што ќе јадете следниот ден, дури и запишете си. На тој начин ќе превенирате непланирано јадење на пица, хамбургер и слично.

Но, многу битно во овој процес е да се почитувате себе и тоа што сте си го ветиле претходната вечер.

Функционирањето по план дава многу убави резултати не само за храната, за се во животот. Нормално, понекогаш некои работи не се предвидуваат, но сепак држење до некоја рамка која ќе си ја ставиме ние прави голем успех на сите полиња.

4. Немојте да бидете пререстриктивни

Сепак во целиот овој процес немојте да бидете престриктивни затоа што една крајност може да ве одведе во друга. Во ред е да се јаде и чоколадо понекогаш и пица, но не секој ден секако. Не си правете преголеми рестрикции и ограничувања затоа што тоа може да доведе до одбивност и нервоза која само може да го продлабочи проблемот уште повеќе.

5. Гответе дома

Доставата на храна до дома функционира и сега, но освен ако немате цврста причина за тоа не нарачувајте, гответе и пробувајте дома нови и здрави рецепти. Тука на сајтот имате многу здрави оброци кои можат да ви дадат инспирација во кујната. Одете во менито во категорија рецепти и бирајте.

6. Пијте доволно вода

Жедта и гладта многу често знаат да направат забуна во нашите глави. Не дозволувајте да се случи тоа. Водата е неопходна за метаболичките процеси и мораме да ја внесуваме. Нашето тело нема потреба од сок и течни калории, за оптимално здравје ни треба вода.

За да знаете колку вода ви е потребно во текот на еден ден помножете си ја тежината со 35 и ќе добиете вредност на вода во милилитри. Пример јас имам 52 kg, потребата за вода кај мене е 52 kg х 35 ml = 1820 ml. Оваа вредност се однесува и на таа вода што ја има во овошјето, во храната и слично, но не ја вклучува водата која ќе ви биде потребна плус доколку сте физички активни и се потите.

7. Не дозволувајте да ви биде досадно

Има многу активности кои можете да ги правите дома. Читајте нешто што ве интересира, гледајте филм, средувајте по дома, направете реорганизација на кујната, на спалната, на тоалетот. Средете го домот и направете ги работите што одамна сте сакале, но сте немале време. Вежбајте секој ден по 1 час, сега има време не е тоа изговор. Правете си природни маски за нега на лицето и косата. Играјте си со децата, гушкајте ги и радувајте му се на семејството!

Можеби ќе ве интересира: Природна нега и маски за лице од кујната

8. Контролирајте ја големината на порциите

Ако ви се јаде сладолед и купивте дома сладолед во големо фамилијарно пакување, најлошо сценарио е да земете лажица и да јадете од пакувањето без контрола. Ставете си мала количина во чинија и не се враќајте повторно. Исто е и со оброците, не ги преполнувајте чините и не ги полнете по 2-3 пати.

9. Купувајте нутритивно богата храна

Не е здравата храна скапа, скапи се грицките, чоколадите, газираните сокови, а скапи се затоа што ем ќе платите за нив ем ќе си го нарушите здравјето што понатаму ќе ви “натовари” дополнителни и економски и здравствени проблеми. Наместо 2 чоколади кои чинат околу 100 денари, купете 200 g лешници, наместо кока кола која чини околу 70 денари, купете 1 kg лимон од кој ќе можете да си цедите природен сок секое утро, наместо чипс кој чини околу 100 денари купете 1 kg овесни снегулки од кои ќе имате за појадок па можеби повеќе од 20 дена.

Можеби ќе ве интересира: Здрави и хранливи евтини намирници

10. Не го игнорирајте алкохолот

Алкохолот не е без калории и последици. 1 g алкохол содржи дури 7 калории. Чаша пиво или вино можеби ќе ве опушти, но ако е тоа го правите секојдневно последиците можат да бидат големи. Алкохолот го зголемува апетитот така што многу е веројатно дека со чашката вино или пиво ќе внесете уште 300-400 калории кои воопшто не ви се потребни и со кои ќе го доведете телото во калориски суфицит.

А сега ќе ви објаснам колку се 400 калории претворени во масти.  

1 грам масти има 9 калории, значи 400 калории се околу 44.4 g масти кои најверојатно ќе се складираат. Епа ако тоа го помножиме по 30 дена тоа се 1.3 kg за еден месец или скоро 16 kg за една година.

Математиката е јасна 😊 ако сакате секоја вечер чашка вино или пиво, извежбајте ги во текот на денот 😊

Можеби ќе ве интересира: Дали знаете колку калории содржи вашиот омилен алкохолен пијалак?

Искористете го ова време на изолација да направите нешто корисно за вашето ментално и физичко здравје. Избегнувајте преголем внес на храна. Последиците не се само по килограмите и физичкиот изглед, туку по целокупното здравје.

Ветете си себе си дека утре ќе бидете подбраа личност од вчера и почитувајте го тоа!!!

https://www.instagram.com/p/B-Rq4l_HtNX/
Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *