Џем од смокви без шеќер

Споделете со пријателите

Верувам дека нема човек што не сака слатко од смокви, сакам и јас ама толку ми е благо што ако јадам после 3 дена ми се лоши. Бидејќи мноооогу, ама многууу сакаме сите дома смокви решив да пробам да видам каков џем ќе добијам од нив ама без да додавам шеќер (значи ни грам). Смоквата сама по себе содржи многу шеќер и затоа не се сомневав дека нема да ми биде успешен обидот. На ист начин како оваа постапка мајка ми ни прави и џем од сливи.

Потребни состојки:

  • само смокви (јас за проба искористив 1 kg)

Начин на подготовка:

Смоквите првин убаво измијте ги и извадете им ги рачките. Ставете ги во блендер и изблендирајте ги. Јас користев рачен блендер и со него направив хомогена смеса.

Ставете ја смесата од смокви во тенџере што не лепи или во некоја подлабока тава (јас имам гранитно тенџере и во него правев). Варете го џемот на некоја средна температура 45-50 минути се додека не испари водата целосно и не добиете густа леплива смеса. Додека се вари мешајте, не мора да му стоите “над глава” ама промешувајте почесто. Користете задолжително капак, затоа што доста прска.

Кога ќе се згуснe и ќе нема веќе вода, соберете во топли и чисти теглички и убаво затворете. Јас за да бидам сигурна дека добро се вакуумирани дополнително затворените тегли ги ставив во сад со вода што врие и ги оставив да повријат 2-3 минути. На крај ги замоткав во крапа за да се ладат постепено.

Од оваа количина добив три мали тегли од 200-250 g.

Eве една од тегичките веќе е празна. Ана остана фасцинирана од вкусот така што ќе морам да правам поголеми залихи.

Бидејќи се без шеќер ќе ги чувам во фрижидер затоа што станот ни е многу топол. Aко се водам според рокот на траење на џемот од сливи без шеќер слободно можам да ви кажам дека над година ипол можат да издржат без да се расипат, па дури и подолго.

Одете на пазар по смокви и заскувајте ракави, ве чекам со тагови на стори 😊

Совршено се комбинира со интегрално лепче и путер од јатки.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *