Home Рецепти Здрави десерти Есенска торта со тиква и јаболка

Есенска торта со тиква и јаболка

157
0

Комбинацијата на тиква, јаболка и цимет заедно со сите други нутритивни намирници ја прават оваа торта едно одлично слатко и здраво задоволство.

Да бидам искрена и самата се изненадив од вкусот, јас не сум љубител на тиква, но оваа комбинација е дефинитивно совршена! 😊

Тортата ја правев во кружно плехче со дијаметар 24 cm, со страничен обрач кој се вади. Можете да ја правите и во обично, но разликата е што вака полесно се вадат парчињата и имаат триаголна форма.

Состојки:

за основата:

  • 100 g несолени и непечени лешници
  • 100 g несолени и непечени бадеми
  • 100 g несолен и непечен сончоглед
  • 200 g суви урми (киснати во вода барем 2 часа)
  • малку ванила (ова е по желба)
  • 3 лажици кокосово масло
  • 2-3 лажици овесни снегулки.

Помеѓу основата и филот со тиква ставив еден слој путер од кикиритки. Отприлика тоа беа некаде околу 2 или 3 лажици. Ова не задолжително, но дефинитивно дава одлична нота во финалниот вкус.

за филот со тиква и јаболка:

  • 700 g тиква
  • 2 поголеми јаболка
  • 100 g кокосови трошки
  • 3 лажици мед
  • 3 лажици кокосово масло
  • 1 ќесичка желатин
  • ½ мала лажичка цимет.

Начин на подготовка:

Бадемите, лешниците и сончогледот ставете ги во блендер за убаво да се измелат, па потоа во таа смеса додадете ги меките урми, кокосовото масло и ванилата, и блендирајте уште малку. Истурете ја смесата во плехчето, и доколку е мека додадете 2-3 лажици овесни снегулки. На крај натапкајте ја. За полесно да ви се извади можете да ја ставите на хартија за печење.

Врз кората ставете го путерот од кикиритки.

Тиквата и јаболката сварете ги или пак испечете ги. Јас ги печев, а претходно убаво ги излупив и средив. Кога ќе бидат готови, со блендер направете убаво пире. Во пирето додадете го кокосот, медот, кокосовото масло и циметот.

Желатинот првин во посебен сад измешајте го со 4-5 лажици вода и почекајте го да гелира.

Целата смеса со тиква и јаболка ставете ја на оган малку да се загрее, не треба да врие туку да биде топла за да може желатинот да се растопи, потоа ставете го желатинот и измешајте убаво. Ставете го филот врз основата. Одозгора за декорација јас наросив рендано темно чоколадо и кокос.

Оставете ја да се стегне 1-2 часа и уживајте. Јас ја чувам во обичниот фрижидер.

Совршенство е! Добар апетит. 😊

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here