Соленки со семиња и овесни снегулки

Споделете со пријателите

Многу сличен ваков рецепт имам со брашно од овес и спелт и со маслиново масло. Овие соленки се мала модификација на претходните.

Ми излегоа супер на количина, не знам може над 80.

Суви се и се идеални да стојат подолго и да си ги имате како опција за појадок, додаток на вечерата или пак за ужинка самостојно. Можете да си го носите и со вас на работа или пак ако негде патувате.

Еве што ставив:

  • 100 g семки од тиква
  • 100 g сончоглед
  • 100 g ленено семе
  • 100 g сусам
  • 200 g овесни снегулки
  • 200 g интегрално пченично брашно
  • ½ пакетче прашок за пециво
  • 150 g путер
  • 180 ml кисела вода
  • 1 лажичка сол.

Начин на подготовка:

Можете ако сакате сите семиња да ги измелете во блендер, но јас сакав сусамот и ленот да останат цели па ги мелев само семките од тиква и сончогледот.

Во длабок сад ги измешав сите состојки заедно, ја додадов водата, прашокот за пециво и путерот (претходно стопен на ниска температура).

Кога убаво ќе се соедини смесата, ќе можете да формирате едно големо цврсто топче. Ако смесата е течна и леплива додадете малку брашно, а ако е сува и не се обликува додадете малку кисела вода.

Од големото топче со помош на сукало извлеков тенка кора и со калапче за колачи направив форми.

Ги ставив на хартија за печење да се печат на 160-180˚С околу 15-20 минути. Проверувајте ги затоа што колку долго ќе се печат зависи од вашата рерна. Кога ќе видите дека малку ја смениле бојата и зарумениле, тогаш се готови.

Можат да се комбинираат со различни намирници. Можете да ги јадете како додаток со салатата за вечера. Со хумус, сирење и некој зеленчук за појадок. Можете да ги јадете и со павлака/грчки јогурт и некој зеленчук исто така за појадок.

Од нутритивен аспект се одлични затоа што се полни со влакна, витамини, минерали и сложени јаглехидрати.

Засакајте ракави и одете во кујна да ги направите, ако имате помошник како мене сигурно ќе ви биде прелесно 😊

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *