Фит пица со тесто од спанаќ и овесни снегулки

Споделете со пријателите

Кој рече дека пицата е брза и лоша храна?

Всушност да, ако ја купите или нарачате ќе биде полна со празни калории, но ако си ја направите дома со нутритивни и квалитетни намирници, тогаш добивате вкусен и здрав оброк кој е одлично избалансиран во поглед на сите макронутриенти.

Ова беше еден од оние оброци за уживање, вкусен, а во исто време нутритивен.

Количината на состојките е за една голема пица доволна за ручек на двајца возрасни и дете од 1 година.

Потребни состојки:

за тестото

  • 2 чаши мелени овесни снегулки – јас ги мелам во нутрибулет
  • ½ пакетче прашок за пециво
  • 150 g обарен спанаќ
  • 1 јајце
  • 3 лажици кисело млеко
  • 2 лажици маслиново масло
  • околу 50 ml вода
  • малку сол

фил

  • домашно доматно пире
  • 1 главица кромид – на кругчиња
  • 1 рендан морков
  • ½ рендана тиквица (исцедена од водата)
  • околу 100 g рендана моцарела
  • 2 лажици мелени семки од тиква и сончоглед. 

Начин на подготовка:

Овесните снегулки ги ставив најпрвин во блендер за да станат брашно, а потоа го додадов прашокот за пециво и малку сол и убаво ја соединив сувата смеса.

Во блендер го ставив јајцето, спанаќот, водата, киселото млеко и маслиновото масло. Блендирав дури не се доби еднолична смеса која ја соединив со сувата смеса од овесни снегулки.

Се доби леплива структура која не може да се меси, но може да се извлече во тенка кора во плех.

Го премачкав плехчето со маслиново масло и ставив хартија за да можам на крај лесно да ја одделам. Ја истурив смесата и ја распоредив по целиот плех рамномерно со гумена шпатула.

Пред да го ставам филот го ставив тестото во загреана рерна на 180С само 5 минути за да се запече малку. За тие 5 минути спремив се друго и потоа само ја наредив, наросив одозгора од мешавината од семки и сончоглед и па ја вратив на печење. Ја печев уште 10-15 минути исто на 180˚С.

Пицата беше уживање за сите сетила! Ве предизвикувам да пробате!

Ана изеде цело парче, така што да знам дека сум била беспрекорна 😊

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *