Посни чоколадни колачиња од наут

Споделете со пријателите

Бидејќи е период на пости (иако јас не постам) решив да направам посен десерт без јајца и без продукти од животинско потекло. Имав во главата некоја бајадера од наут и така започна процесот, но на крај сфатив дека оваа смеса е за колачиња и нема место да биде бајадера 😀

Крајниот резултат покажа дека не се излажав, затоа што колачињата се предобри и особено добро се комбинираат со уште малку путер од лешник на @bonita_organic_nut_butters и џем од вишни.

Потребни состојки (за 16 поголеми колачиња):

  • 200 g наут – киснат во вода од 8-12 часа (најдобро преку ноќ)
  • 100 g мелени бадеми
  • 3 лажици овесни снегулки (може и не мора, јас ги додадов да дадат малку на густина)
  • 2 лажици кокосово масло
  • 3 лажици мед
  • 3 лажици путер од јатки (јас користев од лешник од @bonita_organic_nut_butters)
  • 2 лажици какао
  • 1 лажичка цимет
  • многу малку пециво (користам од тоа од ДМ).

Начин на подготовка:

Наутот го киснев преку ноќ во вода, потоа ја фрлив водата и го ставив во блендер за да стане како смеса за хумус, не мора да е скрос хомогено, но пак треба да добиете смеса како паста.

Во таа смеса ги додадов мелените бадеми и сите други состојки кои се излистани погоре. Убаво соединив и со лажица правев топчести форми кои ги ставав во плех на хартија за печење потиснувајќи ги одозгора за да се направат баш како форма на кружно колаче.

Ги печев во убаво загреана рерна на 180˚С околу 10 минути, а после ги оставив уште 15-тина минути на 100˚С.

Можат да се јадат за појадок во комбинацијата што ви ја спомнав погоре или пак за ужинка.

Може да ги давате и на дечиња кои имаат 1 годинка и немаат алергија на јатки и мед.

Нутритивните вредности по колаче се подолу на сликата.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *