Интегрален колач со смокви

Споделете со пријателите

Не знам дали има некој што повеќе сака смокви од мене?! Одамна немав направено некој колач или нешто вакво, па синоќа во 12 саат засукав ракави. Цела зграда замисира додека се печеше и тоа така убаво и ароматично…..мхмх немам зборови.

Лесно е за подготовка, мешате се печете и ете го колачот.

Нема шеќер, само оној кој си го има во овошјето. На крај ако ви фали блажина додадете одозгора после печење 1 лажица мед.

Потребни состојки:

  • 100 g суви урми киснати во вода (омекнати) – може и свежи
  • 2 јајца
  • 3-4 лажици кокосово масло (може да се замени со путер или маслиново масло)
  • ½ чаша јогурт
  • малку ванила
  • 1 лажичка прашок за пециво
  • 4 лажици брашно од хељда
  • 4 лажици овенси снегулки
  • 4 лажици интегрално пченично брашно
  • 5-6 свежи смокви
  • за одозгора после печење малку мед и по желба путер од лешник.

Начин на подготовка:

Урмите и јајцата првин изблендирајте ги со блендер за да се соединат со јајцата, а потоа смесата продолжете да ја мешате со мискер на најсилна брзина. Во таа смеса додадете го јогуртот, кокосово масло и ванилата. Мешајте додека не добиете еднолична смеса. На крај полека додадете ги брашната, овесните снегулки и пецивото, мешајте пак со мискерот, но сега на мала брзина.

Смоквите насечкајте ги на коцки и додадете ги во смесата последни. Не мешајте со миксер туку со лажица за да останат цели.

Излијте го колачот во плех за печење, јас претходно го премачкав плехот малку со кокосово масло за да не се лепи при вадење. Можете да печете и на хартија за печење.

Мојот плех беше коцка со димензии 24х24 cm.

Го печев 10-15 минути на 180˚С и потоа уште 10-тина минути на 150-160 ˚С.

На крај кога ќе се испече и малку ќе се залади можете да му ставите одозгора 1 лажица мед која полека ќе се упие и ќе навлезе внатре во колачот.

Јас додадов плус и домашен путер од лешник – совршенство од вкусови.

Ќе ве чекам со слики и тагови 😊

На здравје!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *