Сникерс коцки

Споделете со пријателите

Неколку пати до сега имам правено сникерс барови, сладолед, па дури и торта, но мислам дека ова е вистинскиот рецепт кој заслужува да го носи името СНИКЕРС.

Подготовката е лесна и брза и за кратко време имате здрав и неодоливо вкусен десерт.

Чувајте ги овие коцки во замрзнувач и ќе имате здрава ужинка и две недели (ако издржат 😊).

Потребни состојки:

прв слој:

  • 100 g непечени бадеми
  • 100 g овесни снегулки
  • 100 g урми (киснати во вода околу 1-2 часа)
  • 3 лажици кокосово масло.

карамел слој:

  • 100 g урми
  • 50 ml некое билно млеко (јас користев полномасно кокосово, но може било какво)
  • 3 лажици путер од кикиритки

чоколаден слој:

  • 150 g темно чоколадо со 75% какао
  • 100 ml млеко (исто како погоре било какво)
  • 3 лажици кокосово масло
  • 100 g мелени несолени, но печени кикиритки.

Начин на подготовка:

За подготовка на првиот слој бадемите и овесните снегулки ги ставив во блендер за да станат како брашно, потоа во блендерот  ги додадов киснатите урми и кокосовото масло и бледнирав многу кратко само колку да се соедини смесата. Поради урмите ќе стане леплива и густа, но тоа е тоа.

Смесата ја натапкав во плех во кој ставив хартија за печење за потоа лесно да може да се извади. Јас користев плех во форма на коцка (20х20 cm).

За вториот карамела слој урмите, млекото и путерот ги избелндирав со рачен блендер.

Го ставив карамела филот врз основата и оставив во замрзнувач да се стегне додека го подготвував последниот чоколаден слој.

За чоко слојот чоколадото, млекото и кокосовото масло ги ставив на тивок оган за да се соединат.

Пред да го ставам чоколадниот слој врз карамела слојот половина или 50 g од мелените кикиритки ставив измеѓу, значи само ги насипав врз карамела слојот па го ставив чоколадниот.

Можете кикиритките да ги оставите и на покрупно, но јас заради Ана ги изблендирав на поситно.

Потоа истурете го и распоредете го и чоколадниот слој и врз него насипете ги другите 50 g мелени кикиритки.

Оставете во замрзнувач да се стегне и потоа насечкајте ги на посакуваните форми. Јас направив мали коцки. Ми излегоа околу 30.

Не можам да ви опишам колку вкусот е вистински сникерс, но кога јадете немате грижа на совест дека сте изеле празни калории.

Ве очекувам со неодоливо вкусни слики 🙂

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *