Home Исхрана Интегрална пита со моркови и сирење – замена за новогодишни кифлички

Интегрална пита со моркови и сирење – замена за новогодишни кифлички

325
0

Наместо кифлички оваа година направете ја трпезата малку поинаква, подгответе ја оваа интегрална пита со моркови и сирење.

Состојките ќе ги изразувам со чаша затоа што така мерев. Мојата чаша беше обична за чај околу 200 ml, но каква и да изберете битно е само сè да мерите со иста за да се запази односот.

Потребни состојки:

  • 1 чаша овесни снегулки
  • 2 чаши интегрално пченично брашно
  • 1 чаша пченкарно брашно
  • 2 лажици чиа семе
  • 3 лажици 4 мелени семиња (лен, сусам, сончоглед и семки од тиква)
  • 1 лажица пециво
  • малку сол
  • 2-3 свежи рендани моркови
  • 150 g рендано сирење (можете да ставите и повеќе)
  • 3 јајца
  • ½ чаша маслиново масло
  • 1 чаша кисела вода
  • 1 чаша јогурт.

Начин на подготовка:

Состојките вака личат дека се многу, но сите се едноставни и сигурна сум дека скоро сè од ова имате дома. Подготовката е навистина лесна.

Прво со миксер (може и во блендер) ги изматив јајцата, јогуртот, киселата вода и маслото. Во таа смеса го додадов ренданото сирење и моркови, и со лажица убаво измешав.

Во друг поголем сад ги измешав брашната, чиа семето, мелените семиња, пецивото и солта.

На крај двете смеси убаво ги соединив, и добиената смеса ја истурив во малку поголемо правоаголно плехче, кое претходно го премачкав со маслиново масло за полесно да ми се одлепи. Може да користите и хартија за печење.

Одозгора наросив малку ленено семе и сончоглед, и печев во загреана рерна на 160-180˚С околу 20 минути. За печењето верувајте ѝ на својата рерна и проверувајте. Мојата е многу јака и не знам дали кај сите за истото време ќе се испече. Секогаш проверувајте со чепкалка, ако е сува кога ја извадите, значи готова е.

Епа толку е дечки! 😊

Од овие состојки јас добив поголема количина, некаде околу 24 парчиња со супер големина.

Среќни празници и на здравје!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here