Интегрално лепче со суво грозје

Споделете со пријателите

Ова лепче е идеална опција за појадок заедно со малку путер од јатки, некое свежо сезонско овошје и чаша топол чај.

Се подготвува лесно и брзо, а завиткано во фолија може да биде меко и вкусно дури и 3-4 дена.

Потребни состојки:

  • 300-350 g интегрално пченично брашно (првин ставете 300 g, а потоа ќе додавате колку ќе впива смесата)
  • 1 лажичка цимет
  • 1 кесичка квасец во прав (7 g)
  • 70 g суво грозје
  • 40 g путер путер
  • 120 ml овесно млеко (може и било какво друго)
  • 2 лажици мед
  • 1 јајце.

Начин на подготовка:

Првин во длабок сад измешајте го брашното, циметот, квасецот и сувото грозје. Во тенџере на тивок оган загрејте го овесното млеко и во него ставете го путерот. Не загревајте до вриење, туку само малку на тивко за да се стопи путерот. Потоа тргнете ја смесата од оган и во неа додадете ги двете лажици мед (може да се стави и друг засладувач). Измешајте убаво и додадете ја оваа смеса во смесата со брашното. Измешајте со лажица и на крај ставете го јајцето па почнете да месите со раце.

На самиот почеток тестото ќе почне да се лепи по раце, но додавајте брашно се додека не се формира убаво топче кое може да се меси. Формирајте долгнавеста векна и одозгора по желба наросете ја со овесни снегулки и ленено семе.

Ставете ја векната на хартија за печење во плехче покриена одозгора со крпа и оставете ја на топло околу 1 час (да стаса). Јас за најоптимално ја ставив 1 час на 50 степени во рерна. Си нарасна двојно.  После еден час тргнете ја крпата, покријте ја со фолија и печете ја 15-тина минути на 180˚С и уште 15 минути на 120-130 ˚С. Проверете на крај со чачкалица дали е готово лепчето.

Замоткајте го пак во крпа за да омекне после печењето.

Уживајте во богатиот и вкусен вкус (освен со путер од јатки и овошје, може да се комбинира секако и со некој домашен џем).

Следен пат, малку измодифицирано, ќе го пробам и во солена верзија.

На здравје 😊

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *