Home Рецепти Здрави десерти Кокос чизкејк

Кокос чизкејк

223
0

Ако сакате кокос тогаш овој десерт мора да го пробате. Многу лесно се прави затоа што се само два слоја.

Јас иницијално кога го направив го ставив во замрзнувач за да се стегне убаво и за да можам да го исечам, но потоа можете да го чувате и во обичниот фрижидер.

Состојки:

за кора (долен дел):

  • 100 g лешници
  • 50 g овесни снегулки
  • 50 g кокосови трошки (тие што се 100 g 20-тина денари 😊)
  • 1 лажица или 10 g какао
  • 2 лажици путер од бадеми (може и кој било друг путер од јатки)
  • 3 лажици кокосово масло
  • 2 лажици ливадски мед

кокос фил:

  • 100 g непечени индиски киснати во вода
  • 1 лименка кокосово млеко – од тоа од Кам што е полномасно
  • 1 канче грчки јогурт или 150 g
  • малку ванила
  • 50 g кокосови трошки
  • 2 лажици мед
  • 3 лажици кокосово масло

за наросување: рендано темно чоколадо (2-3 коцки)

Подготовка:

Подготовката можете да ја видите и на видеото, ама секако подолу имам и кратко опишано за да биде појасно.

За подготовка на кората во блендер или процесор ставете ги првин сувите делови, и блендирајте додека не добиете хомогена смеса. Потоа во таа смеса додадете го медот, кокосовото масло и путерот од бадеми. Блендирајте уште малку и потоа смесата натапкајте ја во кружно плехче.

Јас користев силиконско за да можам лесно да извадам, но ако немате такво ставете задолжително хартија за печење. Инаку моето плехче е со дијаметар 23 cm, и од скоро ми е купено од Тинекс. Искрено многу е практично за вакви сирови работи, зашто лесно се вадат, а го користам и за печење.

Филот се подготвува така што сите состојки едноставно ги ставате во блендер и блендирате додека не добиете хомогена смеса.

Смесата кога ќе се изблендира не е нешто густа, ама не се плашете, заради кокосовото млеко и масло ќе се стегне во фрижидер многу брзо и ќе биде супер за сечење.

И ете толку е! На крај само пред да ја сечете, за да личи убаво и декорирано, одозгора наросете малку рендано темно чоколадо, или може и мелени јатки.

Добар апетит! 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here