Многу пати имам зборувано на темата, но тоа е затоа што највеќе прашања добивам за тоа – за слабеење, некако луѓето се оптеретени со тоа и постојано се во вечна борба со килограмите. Мислам дека дебелината полека, но сигурно станува глобален проблем, и не само естетски, верувајте тоа е најмалку битно, туку пред се здравствено.
Вишокот килограми многу често е асоциран со други пропратни проблеми како што е хормонскиот дисбаланс (тоа може да предизвика проблеми врз менталното здравје, врз плодноста, и општата благосостојба на телото).
Сведоци сме дека младите парови се почесто имаат проблеми со забременување, една од причините за тоа мораме да ја бараме и во квалитетот на живот, нашите навики, исхраната и секако тежината која е во директна корелација со здравјето.
Вишокот килограми може да предизвика и проблеми со кардиоваскуларниот систем и тоа ни е јасно на сите, но што всушност значи тоа.
Подмолно и без симптоми нашето тело се труди да компензира се “лошо” што ние му правиме, и иако можеби сега не чувствувате ништо (ако имате под 30 години), верувајте ми дека за некоја година како што телото старее ќе дојдат до израз тие хронични ефекти што дебелината и вишокот килограми ги имаат врз артериите и срцето.

Срцевиот удар е причина број еден за смртност и многу често може да се јави сосема ненадејно, но верувајте ми, не е ненадејно тоа е резултат на можеби 20 годишен процес и инфламација во телото која била добро компензирана се додека телото имало сила.
Еден од основните чекори кога е во прашање здравјето е одржување на здрава телесна тежина, иако секако и од ова правило може да има исклучоци (против генетика и генетски предиспозиции не можеме да направиме многу).
Но, тоа што е во наши раце и можеме да го контролираме, не смееме да го знемариме.
Пред некој ден објавив 7 дневен план за здрава исхрана кој може да ви биде од голема помош доколку сакате да намалите килограми.
Дополнително, концизно и јасно ви давам 10 практични совети кои можат да ви помогнат да ја контролирате тежината.
- Не користете шеќер, бело брашно и не ја досолувајте храната.
- Во денот имајте три оброци и измеѓу секој оброк оставете му доволно време на телото да ја свари храната околу 3-4 часа.
- Ако сакате да намалите килограми, заборавете на ужинките, измеѓу оброците пијте само вода или единствено незасладено кафе или чај.
- Трудете се храната што ја внесувате да има помал гликемиски индекс. За да ви е јасно што значи тоа прочитајте тука.
- Избегнувајте тесто (макар и интегрално во поголема количина), компири, ориз, грицки, чипсови, чоколади, но и многу овошје (од овошките најдобри и со најмалку шеќер се бобинките).
- Јадете месо, јајца, риба и комбинирајте ги со многу зеленчук.
- Вечерата да ви биде максимум 2 до 3 часа пред да одите во кревет, никогаш не легнувате си најадени, тоа ќе ви го наруши и квалитетот на сонот, но и ќе придонесе за трупање на килограми.
- Медот е здрав, но не е без калории, не претерувајте со него.
- Физика активност – знаете дека јас сум поборник за тоа, едноставно морате, таа ја овозможува рамнотежата помеѓу внесот и потрошувачката и има безброј позитивни ефекти врз здравјето (3 пати неделно по 1 час е оптимално).
- Сонот е есенцијален, од 6 до 8 часа се неопходни за нормално функционирање и тоа најдобро од пред полноќ до 6-7 часот наутро (во тој период телото е програмирано да спие).
Статии кои можеби ќе ве интересираат и ќе ви бидат корисни:
Како констипацијата може да го отежне губењето на килограмите?
10 најлесни начини како дневно да внесете 500 калории помалку








