Мафини со јогурт и вишни

Споделете со пријателите

Рецепти за мафини има многу, но вистинските за мене се оние во кои нема шеќер, бело брашно и еден тон масло, а токму такви се овие.

Се подготвуваат навистина лесно и брзо, а добивате нутритивен оброк полн со хранливи состојки и нутрититенти.

Потребни состојки (за 15-16 мафини):

  • 1 чаша Баланс+ јогурт
  • 2 јајца
  • 3 лажици путер од јатки (јас користев мешавина од лешник и кикиритки)
  • 3 лажици мед
  • 1 чаша интегрално пченично брашно
  • 1 чаша овесни снегулки
  • 1 лажичка пециво
  • свежи вишни.

Начин на подготовка:

Со миксер првин изматете ги јајцата и медот. Кога смесата ќе стане хомогена додадете го путерот од јатки и јогуртот и продолжете да мешате. Путерот од јатки може да се замени и со маслиново масло или кокосово, но сепак најбогат вкус ќе добиете доколку го користите.

Кога течните намирници ќе бидат целосно соединети почнете полека да го додавате брашното и овесните снегулки, па на крај и пецивото. Мешајте со миксерот на најмала јачина.

Ако немате миксер, сето тоа можете да го направите и во блендер.

Доколку смесата е многу течна додадете уште малку брашно, а ако пак е многу густа ставете малку јогурт.

Битно е брашното и јогуртот да ги мерите со иста чаша. Јас користев чаша од 200 ml.

Кога се убаво ќе се соедини, излијте ја смесата во калапи за мафини и врз секој мафин ставете по неколку свежи вишни.

Најдобро е да користите силиконски калапи затоа што мафините многу лесно се вадат од нив без притоа да користите дополнително масло. Ако немате силиконски напрскајте го калапот за мафин со малку масло.

Печете ги овие мафини во загреана рерна на 180˚С околу 10-15 минути и потоа на 150-160˚С уште 10-15 минути.

Следете ги додека се печат, ако многу брзо заруменат одозгора намалете ја рерната и вратете ги назад. За 25-30 минути се готови.

За дополнителен и побогат вкус кога беа готови одозгора им ставив уште малку путер од лешник и кикиритки.

Во комбинација со свежо овошје и шолја кафе се совршени за балансиран појадок.

На здравје!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *