Кои се најчестите грешки со вечерата?

Споделете со пријателите

Лани имав една објава Најчести грешки со појадокот која беше навистина вирална и од помош за многу од Вас. Бидејќи искуството ми кажува дека големи грешки се прават и со вечерата, целта на оваа објава ми е да ги потенцирам најчестите грешки со последниот оброк во денот.

Кога знаеме каде грешиме многу е полесно затоа што ќе знаеме каде да делуваме.

1.       Немате план што ќе јадете и оставате на моментот

Најчесто ако немате план што да јадете во моментот кога гладот ќе ве надвладее, посегнувате по било што и јадете многу и обилно и најчесто ова е брза и процесирана храна. Не оставајте ја вечерата на случајност, испланирјате си ја уште од ручекот или пак од претходниот ден. Така ризикот дека ќе изедете било што е многу мал.

2.       Не јадете вечера, ама затоа грицкате наоколу или пак се прејадувате непосредно пред спиење

Свесно ја избегнувате вечерата, ама гладот ве надвладува па посегнувате по грицки или по било што и да имате дома. Не ретко се случува кај многу да сфатат дека избегнувањето на вечерата е лоша идеја, па да си направат обилна вечера доцна, односно непосредно пред спиење.

3.       За вечера најчесто јадете макарони, леб со нешто, палента, тост…

Овие опции за вечера се само избор на јаглехидрати и ништо повеќе, а за оброкот да биде целосен е потребно да биде балансиран. Вишокот на јаглехидрати во телото се претвора во масти, а навечер секако дека немате потреба од толкава количина на јаглехидрати.

Океј е да јадете понекогаш и макарони, но не да изедете преполна чинија со сирење и кечап туку интегрална верзија и тоа некаде околу 50-тина грама (мерени пред варење) и искомбинирани со многу зеленчук и некој протеин (пример 1 јајце, грчки јогурт, месо и слично).

4.       Пиете алкохол

Алкохолот најчесто се консумира навечер, и многу често луѓето си викаат “Е добро де 2 чаши вино или само 2 пива што е тоа?” Но, комбинацијата на 2 пива или 2 чаши вино најчесто оди и со многу храна, а дополнително тоа што и самиот алкохол содржи многу калории и тоа 7 калории во 1 грам па многу е лесно доколку пиете алкохол да преминете во калориски суфицит.

5.       Јадете пред телевизор

Вечерата обично е нај релаксирачки оброк, па многу често се јаде и пред телевизор. Но, имајте на ум дека ако изберете да јадете така ризикувате дека ќе внесете многу повеќе храна и многу повеќе калории.

Знаејќи ги овие грешки, можеме свесно да делуваме и да се трудиме да ги надминеме, притоа заменувајќи ја вечерата со нутривен и балансиран оброк кој ќе го консумирате 2-3 часа пред да одите да спиете.

И во ред е да се напиете и чаша вино некогаш и пиво, ама не е во ред ако некои работи се повторуваат постојано и секојдневно 

Доколку ви фалат идеи и предлози за здрава вечера проверете тука.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *