Одлично слатко задоволство за сите кои сакаат овошни вкусови и не многу благи десерти. Оваа торта ќе ве освои. Јас ја подготвив од замрзнати бобинки, но мислам дека супер би била со било какво овошје, дури и свежо.
Потребни состојки:
за кората:
- 3 јајца
- 4 лажици кафеав шеќер
- 5 лажици интегрално пченично брашно
- 4 лажици маслиново масло
- 1 кесичка пециво
- малку ванила.
за овошниот фил:
- 500 g замрзнато овошје по желба (јас користев мешавина од вишни, малини и јагоди)
- 500 ml вода
- 3 лажици кафеав шеќер
- две кесички пудинг од ванила
- многу малку ванила.
Начин на подготовка:
Првин ја подготвуваме кората.
Во длабок сад ги матиме јајцата и шеќерот се додека не се добие пенеста и густа смеса. Во таа смеса го додаваме маслиново масло, брашното, пецивото и ванилата и мешаме повторно со миксерот, но на најмала брзина. Добиена смеса за кора ја излеваме во кружен плех за печење и печеме 10-15 минути во загреаната рерна на температура од 180°С.
За подготовка на филот овошјето треба да го оставите да се размрзне и да пушти водичка. Потоа во него додадете ја водата и шеќерот, но од водата оставете околу 150 ml за да ги растворите пудинзите. Ставете ја овошната смеса на оган и загрејте до вриење, во водата што ја оставивте убаво растворете ги пудинзите и истурете ги во загреаното овошје. Мешајте на оган 1-2 минути дури убаво не се згусне. На крај по желба додадете малку ванила.
Истурете го овошниот фил врз претходно подготвениот и веќе оладен пандишпан и оставете ја целата торта да се излади. Одозгора по желба можете да наросите мелени лешници и кокос во прав.

На здравје!








