Пита со многу зеленчук

Споделете со пријателите

Ова беше еден експериментален рецепт кој повеќе наликува на фритата отколку на пита.

Подготовката е навистина лесна. Го рендате зеленчукот и го соединувате со смесата за поврзување. Печете и толку 😊

Ана и овој пат беше фасцинирана и изеде едно солидно големо парче што ми е најголем доказ дека питата била полн погодок.

Ве предизвикувам да пробате. Одлична опција е за било кој оброк во денот. Од оваа количина ние тројца дома се најдовме супер.

Потребни состојки:

смеса за поврзување:

  • 3 јајца
  • 50 ml јогурт
  • 50 ml маслиново масло
  • 100 g изрендано фета сирење

зеленчук:

  • 3 изрендани компири со средна големи
  • 2 изрендани моркови (исто така беа средни)
  • 1 помала изрендана тиквица (исцедена од водата)
  • 5-6 маслинки насечкани на ситно
  • неколку листови обарена блитва насечкана на поситно
  • праз насечкан на ситно.

На крај од страв да не остане влажно додадов 2 лажици овесни снегулки и пред печење наросив одозгора интегрален сусам.

Подготовка:

Можете да ја видите и на видеото. Но, подолу е и краток опис.

Првин ги матите јајцата и ги соединувате со сите состојки од смесата за поврзување. Во длабок сад го мешате изренаниот зеленчук и на крај двете смеси ги соединувате. Чисто за сигурност дека нема да биде влажна смесата додадов 2 лажици овесни снегулки и ја ставив питата во плехче да се пече. Јас имам ново силиконско кружно плехче, пред неколку дена го земав од Тинекс па не користев хартија за печење. Ако користите обичен плех за да не се залепи задолжително ставете хартија.

Печев 15 минути на 180°С и уште 15-20 минути на 150-160°С со вклучен вентилатор. Во однос на печењето морате да ја следите сопствената рерна затоа што сите се различни.

Питата на крај е мека заради зеленчукот, но не смее да има премногу мокри делови од јајцето.

Ете толку. Ве чекам со слики 😊

Можете да се комбинира со јогурт, хумус или со ништо затоа што е превкусна.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *