Пица со тесто од црвена леќа

Споделете со пријателите

Планот вчера беше да правам манџа со леќа, но Дарко беше малку разочаран од изборот па си реков чекај да пробам да ја вметнам леќата во интересен рецепт. Да биде пак леќа, но многу поинаква. И резултатот беше фантастичен, а рецептот брз и лесен. Се на се ми беше потребно половина час, но претходно леќата веќе ми се киснеше некои 6-7 часа.

Количински мислам дека беше околу 200 грама сирова леќа. Искрено не сум сигурна за грамажата, но ставив толку колку што ставам за нас тројца кога правам манџа.

Еве ги состојките за тестото:

  • oколу 200 g кисната леќа   
  • 1 главица кромид
  • малку магдонос
  • малку лукче
  • 1 јајце
  • 1 лажичка сол
  • 2 лажици маслиново масло
  • на крај за да ја подесам густината ставив 2-3 лажици овесни снегулки.

Фил: доматно пире, рендана тиквица и морков, малку кашкавал и оригано.

Начин на подготовка:

Леќата е добро да ја оставите да се кисне минимум 6-7 часа, но можете и повеќе (пример преку ноќ).

Сите состојки за тестото ставете ги во бледнер и бледнирајте додека да добиете хомогена смеса. Смесата е густа налик на таа за фалафел но кога се пече добро се сврзува. Овесните снегулки може и не требаше да ги ставам, но ги додадов затоа што се плашев да не е ретко.

Во кружно плехче со средна големина ставив хартија и ја разлив целата смеса. Ставив да се пече во загреаната рерна на 160-180˚С 6-7 минути. Потоа ја извадив и ставив одозора доматен сос, рендани моркови и тиквица, малку кашкавал и оригано и ја вратив назад на печење.

Печев уште 10-тина минути на иста температура.

Значи фантазија!!!

Ние си комбиниравме со една голема чинија свежа салата од зелка, а Ана со чаша јогурт.

Ова е одличен начин да им “подметнете” леќа на вашите не јадачи. Пробајте прелесно е! Ќе ве очекувам со тагови и слики 🙂

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *